Во Античкиот театар, вечерва со концертот на светски познатите италијански тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини ќе биде отворено 62. издание на Охридско лето. Тенорите ќе настапат заедно со Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) под диригенство на Лоренцо Бицари.
Химната на Охридско лето првпат ќе ја изведат солисти-дувачи од Оркестарот на НОБ.
Од денес до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“ и Центарот за култура ќе настапат над 1.000 уметници од 25 земји. Во програмата ќе бидат 36 концерти, девет театарски претстави и уште шест други настани.
„Нè очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата програма, создадена од нашите врвни и докажани уметници, а сега селекторки, Бисера Чадловска, диригентка во Националната опера и балет и актерката Сања Арсовска“, кажа директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Чадловска најави богата програма и го издвои настапот на прославениот виолинист Стефан Миленковиќ.
Сања Арсовска, селекторката на драмскиот дел, кажа за првпат доминанти во програмата се режисерки – ќе има претстави од шест режисерки и четворица режисери.
С. ВРЕНЦОВСКА