Агенцијата за филм реагира дека со нејзините корона-мерки поради пандемијата без банкарска гаранција се исплатени 31 филмски проект, додека во првиот квартал на 2020 со тековното работење се исплатени 19 проекти со сите потребни правни документи согласно Законот за филмска дејност. Реакцијата е на текстот што денеска го објави САКАМДАКАЖАМ.МК, „Предвремената исплата без банкарска гаранција го изеде буџетото на Агенцијата за филм, неизвесна продукцијата за 2020“, во кој се цитира изјава од Министерството за култура дека немаат добиено извештај за законски основ како се потрошени парите за првите шест месеци од годинава. За исплатите со корона-мерките предмет отвори и Антикорупциска комисија.
„Она што треба повторно да се објасни на јавноста е дека треба да се прави разлика за исплатите кои се исплатени за време на тековното работење на Агенцијата и она што се вели ‘корона мерки’ кои произлегуваат од цело настанатата ситуација. Сите потпишани договори и исплати во тековното работење на Агенцијата, се со сите потребни правни документи согласно Законот за филмска дејност. Одовде додаваме дека, заклучно со првиот квартал од 2020 година исплатени се вкупно 19 проекти во тековното работење на Агенцијата за филм, а 31 проект во услови на коронакризата, кои влегуваат во траншата исплати на 20, 23 и 24 март. Предвремената исплата на проектите е направена врз основа на веќе дефиниран и предвиден буџет кој се доделени на Агенцијата за филм, а македонската продукција во полн ек работи на филмските проекти за кои се потпишани договори во период пред настанувањето на КОВИД кризата и се дел од тековното работење на Агенцијата за филм“, вели Агенцијата за филм во реакцијата.
На 24 март, Агенцијата објави дека интервентно предвреме се исплатени 27 проекти кои се во поодмината фаза или завршени. Завчера на прес-конференцијата, директорот Тозија рече дека се исплатени 27-28 проекти кои се завршени, со вкупно околу 35 милиони денари.
„Како појаснување, при настанатата ситуација, произлезена од ковид-19, Агенцијата за филм консултирајќи ги сите европски партнерски институции кои на ваков или сличен начин помагаа на своите филмаџии, се обрати до сите продуцентски куќи, каде при извршена анкета, ги замоливме да се изјаснат на каков начин може Агенцијата за филм да им помогне во оваа кризна ситуација. При добивање на одговорите од страна на продуцентските куќи, добивме вкупно 27 одговори на анкетните листови, а останатите одговори се предмет на ненавремено пристигнат допис од страна на продуцентските куќи. Мора да се земе во предвид и дека дел од одредбите кои се согласно со договорите (официјални премиери на филмските проекти во кино салите) не можеа да бидат извршени поради ковид-кризата за која е донесена уредба од страна на Владата на Република Северна Македонија. По завршување на овој процес, продуцентските куќи потпишаа изјави во кои се обврзаа: По завршување на суспензијата предизвикана поради ковид-19, ќе ги изврши сите обврски кон Агенцијата за филм на Република Северна Македонија кои произлегуваат од потпишаниот договор за проектот со работен наслов, меѓу кои и достава на сите копии до Агенцијата за филм и Кинотека на Република Северна Македонија како и одржување на локална премиера на филмското дело по завршувањето на кризата. Агенцијата покрај банкарската гаранција има уште еден поголем механизам, правна заштита во случај на неисполнување на обврските на продуцентската куќа, тогаш Агенцијата за филм го активира и договорот кој е солемизиран (договорот добива извршна исправа). Во ваков случај, продуцентската куќа одговара со својот имот. Во овој случај, Агенцијата за филм, односно буџетските пари се двојно заштитени“, вели Агенцијата.
Од таму спорат со Министерството за култура, укажувајќи дека „Агенцијата е основана од Владата и Министерството навлегува во нејзините ингеренции и го нарушува нејзиниот интегритет, нанесувајќи голема штета на Агенцијата и на сите филмски работници преку медиумски тенденциозни провлекувања наместо да помага и овозможува што поуспешни филмови и нивно претставување во светот“.
Во текстот за кој се реагира пак, се цитира изјава од Министерството за култура дека „директор на Агенцијата за филм поставува Владата, и институцијата за за својата работа одговара пред Владата, и доставува шестмесечен и годишен извештај, но Министерството континуирано врши контроли и во останатите единки корисници на буџетот над кои има надлежност“.
„Министерството за култура има сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата за филм во првите шест месеци од оваа година, но не и за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмската дејност“, е изјавата од кабинетот на министерот Хусни Исмаили.
Министерство за култура нагласува дека вонредната состојба од аспект на финансирањето на филмската дејност, не дава никаков основ да се прават исклучоци во примената на Законот за филмската дејност. Тоа важи и за реализација на започнати филмски проекти и нивна исплата.
„Од тој аспект не станува збор за посебни финансиски мерки за филмските работници кои се применуваат за вонредна состојба, туку за тековно финансирање на филмската дејност под услови утврдени со Закон, кои во предметниот период се поажурно спроведени од Агенцијата. И од аспект на законското и наменското користење на средствата на Агенцијата, Министерството ќе постапи во согласност со позитивните законски прописи“, велат од Министерството.
Заради утврдување на фактичката состојба за средствата, Министерството со допис бр. 53-6500/2 од 26 мај побарало Агенцијата да достави Извештај, но нема информација дали добиле одговор.
Агенцијата денес во реакцијата вели дека „Процедурата за конкурсот за 2020 е во тек, нема никакво поништување, ниту пак било барано поништување на конкурсот за 2020 од страна на Агенцијата за филм до Министерството за култура“.
Но во текстот на кој реагираат не се вели дека конкурсот е поништен, туку дека нема да биде законско спојувањето на двата годишни конкурси за филмска продукција за 2020 во еден, како што побарал директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија. Тој завчера на прес-конференција кажа дека поради вонредната состојба за коронакризата, наместо април-мај, резултатите од првиот одлучувачки рок на Агенцијата за филм за 2020 треба да се очекуваат на крајот на јули. Тој најави дека побарал од Министерството за култура годишниот конкурс за филмови да не биде во два рокови на одлучување, април и октомври како што беше досега пракса, туку да се спои. Но Министерството не дозволило, а во текстот е цитиран и допис за тоа од Министеството до Агенцијата од 23 април.
Б. НЕСТОРОСКА