СО ОРИГИНАЛНИ „ЅВОНЧИЊА НА ДЕДО МРАЗ“ ОД ВРЕМЕТО НА ГУСТАВ МАЛЕР ОД 19. ВЕК ЌЕ СЕ ОТВОРИ НОВАТА СЕЗОНА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ ДИРИГЕНТ АЛЕКСАНДЕР ГОРДОН

    СО ОРИГИНАЛНИ „ЅВОНЧИЊА НА ДЕДО МРАЗ“ ОД ВРЕМЕТО НА ГУСТАВ МАЛЕР ОД 19. ВЕК ЌЕ СЕ ОТВОРИ НОВАТА СЕЗОНА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ ДИРИГЕНТ АЛЕКСАНДЕР ГОРДОНГордон специјално за концертот ги обезбедил инструментите од Виена, а вели дека нивниот звук е значително поинаков од оној на современите ѕвончиња. (Фото: Филхармонија)

    Оригинални ѕвончиња од Виена, какви што се користеле во времето на композиторот Густав Малер од 19. век, ќе бидат дел од изведбата на неговата Четврта симфонија на отворањето на новата концертна сезона на Македонската филхармонија. Сезоната „Филхармонија: On Air“ ќе биде отворена на 1 октомври во 20 часот со концертот „Симфониски бранови“, со германскиот диригент Александер Гордон.

    Гордон специјално за концертот ги обезбедил инструментите од Виена, а вели дека нивниот звук е значително поинаков од оној на современите ѕвончиња.

    „Влезот на Четвртата симфонија на Малер е веднаш дефиниран од звукот на шелените, или како што ги нарекуваат, ѕвончињата на Дедо Мраз. Кога ќе ја најдат точната боја од времето на Малер, малку пониска, не толку декоративна, за неколку секунди создаваат вистинска мешавина од звуци со флејтите и кларинетите, а потоа следи почетокот на виолините“, ни рече Гордон.

    Стапив во контакт со човекот кој ги чува овие стари инструменти и ги снабдува големите виенски и австриски оркестри, вели диригентот Александер Гордон. (Фото: Филхармонија)

    Тој вели дека сакал оркестарот на Македонската филхармонија да има инструменти со кои што поверно ќе може да се долови звучниот свет на Малер.

    „За мене, Македонската филхармонија дефинитивно заслужува да ги има најдобрите можни инструменти за таа реализација. Уште од првата проба видов дека овие музичари се навистина заинтересирани за вистинско читање на партитурата на ова дело и за посветување на идеите и музиката на Малер“, вели диригентот.

    Според него, современите ѕвончиња можат да го репродуцираат потребниот ритам, но немаат иста боја и топлина како старите инструменти.

    „Модерните шелени или ѕвончиња го репродуцираат ритамот и ги имаат сите потребни карактеристики, но звучат малку вештачки и малку премногу високо. Старите инструменти од времето на Малер ја имаат оваа убавина и топлина и навистина ја нудат вистинската атмосфера уште од самиот почеток“, вели Гордон.

    До инструментите дошол преку своите контакти со музичари од Виенската филхармонија, со кои соработува и свири камерна музика. Неговиот пријател Петер Шомодари, прв виолончелист на Виенската филхармонија, му помогнал да го добие контактот преку кој биле обезбедени ѕвончињата.

    „Стапив во контакт со човекот кој ги чува овие стари инструменти и ги снабдува големите виенски и австриски оркестри. Тој многу се грижи за нив и навистина е заинтересиран луѓето ширум светот да свират на овие оригинални инструменти“, вели Гордон.

    Не може со сигурност да се утврди точната година кога бил изработен инструментот што ќе се користи во Скопје, но диригентот вели дека според неговиот изглед потекнува од периодот на Малер.

    „Не можам точно да утврдам кога е направен, но според изгледот сигурно бил користен во времето на Малер и можеби на некоја од изведбите токму овие ѕвончиња биле свирени со Малер“, вели Гордон.

    Тој објаснува дека конструкцијата се разликува од онаа на современите инструменти. Основата е изработена од кожа, а ѕвончињата се направени од потешка комбинација на метали, што им ја дава карактеристичната боја на звукот.

    „Во симфонијата тие имаат многу различни улоги. Понекогаш во нив има нешто како шега, речиси како да се појавува кловн, понекогаш носат загрижувачка порака, а понекогаш порака на далечно сеќавање. Најчесто се појавуваат заедно со високите дувачки инструменти и им претходат на многу посебни промени, кон нешто меланхолично и меко или кон нешто загрижувачко и многу експресивно“, вели Гордон, кој кариерата ја почнал како виолист, а на 23 години бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија и од 2012 е целосно посветен на солистичката и диригентската кариера.

    Како солист на „Симфониски бранови“ ќе настапи 13-годишниот машки сопран Алексис Изар Гордон. Роден е во Лондон во 2013 во семејство на професионални музичари, а подоцна со семејството се преселил во Виена. Од осумгодишна возраст е член на Оперското училиште на Виенската државна опера и настапувал во повеќе големи оперски продукции, како и со Виенската филхармонија.

    На програмата на концертот се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр. 4 во Г-дур од Густав Малер.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира