СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТИ СЕ ВРАЌАМЕ ВО РОБОВЛАДЕТЕЛСТВОТО, РЕАГИРА СИНДИКАТОТ ЗА КУЛТУРА, ВЛАДАТА ВЕЛИ ДЕКА Е ДРАФТ ВЕРЗИЈА

    СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТИ СЕ ВРАЌАМЕ ВО РОБОВЛАДЕТЕЛСТВОТО, РЕАГИРА СИНДИКАТОТ ЗА КУЛТУРА, ВЛАДАТА ВЕЛИ ДЕКА Е ДРАФТ ВЕРЗИЈАНа 8 октомври 2019 вработените во културните инстиуции излегоа на протестен марш „Колективен сега“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Предложениот нацрт-закон за системот на плати во јавниот сектор е своевиден преседан својствен за диктатури, квазидемократии и хибридни држави, а не на држави од теркот на ЕУ, реагира Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) за Предлог-законот објавен на ЕНЕР на 29 декември.

    Од Владата велат дека станува збор за драфт-верзија за која ќе се консултираат сите засегнати страни, институциите, синдикатите и слично.

    Синдикатот има голем број забелешки за, како што вели, „неуставниот Предлог-закон кој предлага убиство на синдикатите, колективното договарање и социјалниот дијалог, не само загарантирани со нашиот Устав, туку и темелните вредности на ЕУ, кон кои оваа држава постојано декларира дека се стреми“.

    „Со овој Предлог-закон јасно е утврдено кој го има главниот збор во државата во однос на платите на вработените во јавниот сектор, а тоа е Министерството за финансии како capo di tutti capi“, вели СКРМ.

    Во описот на предлогот поднесен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) стои дека во законодавството во земјава не постои единствен платен систем за пресметката на платите на вработените во институциите од јавниот сектор, односно нема единствена методологија за пресметка на платите на вработените во јавниот сектор.

    „Пресметката и исплатата на платите во институциите од јавниот сектор моментално се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институциии дури и со правилници – спротивно на начелата и одредбите од Уставот. Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена Методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост“, вели МИОА.

    Засега, со забелешки се јави само Синдикатот за култура, и тоа за следниве одредби:

    „Според член 20 став 3, Министерството за финансии е органот кој ќе ги предлага коефициентите. Ќе ги предлага врз основ на стратешки утврдени приоритети за секоја година, а приоритетите ќе ги прави Владата, на предлог на Министерството за финансии. Еден затворен, магичен круг. Висината на бодот ќе ја одредува Собранието, со што државата се поставува како уберкапиталист со максимална моќ над вработените. Со ова е сузбиено уставното право дека сите имаме право на соодветна заработувачка.
    Според член 20 став 4, во услови на криза војна или вонредна состојба, државата ќе може да ви ги намали платите колку сака и како сака и тоа да биде законски – да ви ги укине уставните права и да не одговара за тоа; Улогата на синдикатите е минимализирана и сведена на еден претставник од можни пет, кој ќе може да учествува во некаква формирана комисија на платните потсистеми за анализа и класификација на работните места. Кој ќе одредува кој претставник од кој синдикат да биде во таа комисија? Погодувате – повторно Министерството за финансии“, велат во јавната реакција.

    Синдикатот реагира и на тоа дека со член 41 се замрзнува растот на платите поврзани со вредноста на минималната плата во државата, како и на тоа дека  според член 26 став 5 државата може да ги прогласи за ништовни некомпатибилните Колективни договора и дека Колективниот договор за култура ќе биде укинат.

    „Наместо во ЕУ, се враќаме во робовладетелство, каде што ќе треба да работиме под услови што ќе ги одреди камшикот. Затоа во државата фалат доктори, професори, инженери.Затоа што 30 години партиите им ги одредуваат условите за работа. Затоа нема кој да напише учебник, кој да се грижи за децата, за животната средина, за енергијата. Ако државата сака во ЕУ, ќе ѝ требаат професионалци во секоја област. Тие треба да бидат почитувани и соодветно платени. Работењето под наметнати услови не е европска вредност. Принципот ‘земи или остави’ ни избрка илјадници квалитетни луѓе, овозможи речиси целосна партизација на јавниот сектор, додека граѓаните 30 години плаќаат за систем составен од професионалци, кои ќе им дадат професионална услуга. Илјадници наши професионалци сега работат во Европа, а овде на децата нема кој да им каже каде е запад, кое е знамето на Австрија, Словенија, Франција“, вели СКРМ, повикувајќи ги сите синдикати да застанат цврсто против овој Предлог-закон.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира