СО СИЛА И НА СИЛА УБАВИНА НЕМА, ИМ СЕ ОБРАТИ СТОЛЕ ПОПОВ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ ОД „БРАЌА МАНАКИ”

    СО СИЛА И НА СИЛА УБАВИНА НЕМА, ИМ СЕ ОБРАТИ СТОЛЕ ПОПОВ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ ОД „БРАЌА МАНАКИ”На режисерот Столе Попов вечерва на Фестивалот „Браќа Манаки" му беше доделена наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм". (Фото: СДК.МК)

    Драго ми е што на наградата доделена од Друштвото на филмски работници на Македонија е зачувано генеричкото име, она име кое треба да стои, кажа режисерот Столе Попов вечерва на Фестивалот „Браќа Манаки” во Битола кога му беше доделена наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм”. Тој вели дека треба да исчезнат какви било комбинации околу некои прашања или негации, кои, како што кажа, одат и до тоа придавките да исчезнат што никогаш не биле ни предмет на разумот, а камо ли на прифаќање.

    Од сцената упати и порака до политичарите дека со сила убавина нема.

    „Нема поважно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, култура, неговата духовност и духовноста во средината во која живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

    Последниот филм на Стол Попов „До балчак“ е најскапиот македонски проект во историјата на домашната кинематографија, во кој државата вложи над 4 милиони евра. Филмот кој се снимаше и во Битола, заврши со долгови особено кон локалните битолски бизниси од кои користеше услуги, па на премиерата на „Браќа Манаки“ во 2014 дуќанџиите се заканија протест и си ги бараа парите што продукцијата им ги должи.

    Деновите минати во карантин нè потсетија на големата моќ на подвижните слики“, кажа претседателот Стево Пендаровски, покровител на фестивалот. (Фото: СДК.МК)

    Во битолското Пацио вечерва без помпа и црвен тепих, со придржување до мерките за заштита, маски и дезинфекција, под отворено небо се одржа 41. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. На единствениот настан кој ќе биде во рамки на фестивалот присуствуваат стотина гости меѓу кои претседателот Стево Пендаровски, покровител на настанот, градоначалничката Наташа Петровска, амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, претседателот на ДФРМ Игор Иванов, и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот, новата министерката за култура, Ирена Стефоска, претставници од локалната власт во Битола, филмофили и други битолчани.

    Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на настанот, рече дека традицијата продолжува годинава без црвен тепих и гости поради пандемијата со ковид-19, но упати уверување до присутните и јавноста дека сите помагатели на фестивалот, државните и локалните институции ќе продолжат и понатаму да го поддржуваат „Браќа Манаки”.

    „Деновите минати во карантин нè потсетија на големата моќ на подвижните слики, ведрина во нашето секојдневие внесуваа од филмовите. Искуството од гледање филм на големо платно е незаменливо, но да се надеваме дека в година Фестивалот ќе биде во нормални услови”, рече Пендаровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира