СПОКОЈНО СПИЈАМ СЕГА КОГА ДЕЛАТА НА МОЈОТ ДИМИТАР КОНДОВСКИ МОЖАТ ДА СЕ ВИДАТ НА ИЗЛОЖБА, ВЕЛИ ХИЛДА, СОПРУГАТА НА ГОЛЕМИОТ СЛИКАР

    СПОКОЈНО СПИЈАМ СЕГА КОГА ДЕЛАТА НА МОЈОТ ДИМИТАР КОНДОВСКИ МОЖАТ ДА СЕ ВИДАТ НА ИЗЛОЖБА, ВЕЛИ ХИЛДА, СОПРУГАТА НА ГОЛЕМИОТ СЛИКАРХилда Кондовска, пензионирана ТВ новинарка и уредничка за култура во МТВ каде што е од основањето, со сликарот Димитар Кондовски се венчале веднаш по матурирањето. (Фото: Приватна архива)

    Ретроспективната изложба на академик Димитар Кондовски, еден од највлијателните ликовни уметници во повоена Македонија,  веќе втор месец предизвикува широк интерес кај јавноста и се оценува како еден од најважните културни настани за оваа година во земјата. Во Националната галерија Даут пашин амам (НГСМ) изложени се 95 исклучително вредни дела на уметникот, кои оставија траен белег во историјата на македонската современа уметност.

    Културната јавност знае дека за оваа грижливо чувана семејна колекција најзаслужна е сопругата на Кондовски, Хилда. Нејзината посета на изложбата пред неколку дена, во придружба на синот Филип и на директорката на НГСМ, Дита Старова-Ќерими, предизвика коментари и сеќавања, зашто, ако за Димитар Кондовски се вели дека беше контроверзна, харизматична и исклучителна личност, тогаш, каква беше Хилда? Педантна, упорна, посветена, прецизна, колегијална. Дама на ТВ новинарството. Таква ја паметат колегите и јавноста. А, постарите скопјани велат, една од најубавите девојки во Скопје.

    Хилда Кондовска е пензионирана ТВ новинарка и уредничка за култура во Македонската радио-телевизија (МТВ), каде што е од основањето. Таа важи за една од водечките новинари за култура и уметност во земјава. Го посвети професионалниот живот на дневната редакција на МТВ, каде што со децении секојдневно известуваше за културните случувања во земјата, а автор е и на безброј фељтони, репортажи, портрети, со што остави драгоцена ТВ архива за културата во државата, особено за заштитата на културното наследство. Вели, ако не се чуваат лентите, ги имам барем тетратките.

    Педантна, упорна, посветена, прецизна, колегијална. Дама на ТВ новинарството. Таква ја паметат Хилда колегите и јавноста. А, постарите скопјани велат, една од најубавите девојки во Скопје. (Фото: Приватна архива)

    Родена е како Хилдегард Караџа во 1941 година. Татко ѝ е Теохар Караџа од позната штипска фамилија, а мајка ѝ Манци има татко Словак и мајка Германка, па така го добива и името. Добро расположената, но со кревко здравје, сега 81-годишна Хилда, ни вели: „Како мала бев многу несреќна со тоа име, па сè почесто го користев Хилда, име што ми остана“.

    „Баш се чувствував добро сега кога успеав да ја видам изложбата, зашто на отворањето за кое слушам сè најубаво, не бев во можност да одам. Директорката Дита е прекрасна личност, посветена на својата работа, се интересираше за секоја слика одделно. Многу сум среќна што ја реализиравме ова изложба. Даут пашин амам е грандиозен. Го гледам силен, реновиран дотеран, и спокојно спијам дека нема ништо да им стане на делата кои се сликани на даски. Се радувам што ги споделивме овие дела со јавноста, и верувам дека се добива впечатокот оти за Димче, сликарството беше живот“, ни вели Хилда.

    Портрет на Хилда од Димитар Кондовски, масло на платно од 1951, изложен на ретроспективата во НГСМ.

    Ја враќаме во младоста, и со свежи сеќавања ни раскажува како се запознале со сопругот. Таа била гимназијалка, а нејзиниот чичко, академски сликар, имал изложба во ДЛУМ. Добил негативна критика од некој млад критичар. Таа била навредена и темпераментна, и вели:

    „Тогаш сиот наш живот се одвиваше во театарот. Отидов на театар да дознаам кој е тој што се дрзнал така да напише за чичко ми. Го прашав Антонио Николовски, историчар на уметност, да ми го покаже тој безобразен млад човек. Антонио беше збунет, ѕвончето за влез во салата ѕвонеше, времето се скрати, и само ми рече – Овој до тебе е тој, Димитар Кондовски. После веќе не се сеќавам“, се смее Хилда, која е 15 години помлада од сопругот.

    Вели дека татко ѝ, кој бил паметен човек, ѝ правел притисок да не оди со постар маж, а Димче, од друга страна, ѝ правел притисок да се омажи за него:

    „Многу се смеевме со Димче зашто нему му беше незгодно да шета со мене, јас ученичка во униформа и со училишна чанта в рака. Но, се договоривме, кога завршив gимназија, утредента ги зедов сите документи од дома, и отидовме во Матично. Ми остана мистерија од каде Димче дојде со Пјер и Ана Липша-Тофовиќ како кумови. Јас ја зедов другарка ми Гордана Кацаволу за сведок. Ана Липша му го додаде букетот со цвеќе на Пјер и му рече: ‘Држи го ова, јас сум примадона и мене скандали не ми требаат’. Тогаш дојде и мајка ми, слушнала ама задоцни. Одма се врати дома, и за казна ми го продаде клавирот. Во тоа време беше многу тешко да се купи клавир“.

    За изложбата што Кондовски ја имал во Рим во 1962 година, историчарот на уметност и куратор на изложбата Емил Алексиев пишува дека поминала спектакуларно, и дека тој ги продал сите слики, за кои сега нашата исторографија на уметноста нема податоци каде се.

    Тој престој во Рим, за Хилда и Димче е еден од наубавите периоди во животот. Таа веќе во Скопје во „Нова Македонија“ и во „Вечер“ почнала да се ориентира кон новинарството, и додека Кондовски ја користел едногодишната стипендија на италијанската влада, таа стажирала во „Стампа естера“ каде што биле вклучени сите странски дописници. Се приклучила на југословенската екипа во која биле ветерани како Леон Давичо, Вања Краљевиќ и други, и навлегла во многу сфери и новинарски жанрови. Вели, тоа било период со драгоцено животно и професионално искуство во кое покрај елитните колеги со кои соработувала, се сретнала со Софија Лорен, Виторио де Сика, Виторио Гасман.

    Многу сум среќна што ја реализиравме ова изложба. Се радувам што ги споделивме овие дела со јавноста, и верувам дека се добива впечатокот оти за Димче, сликарството беше живот“, вели Хилда Кондовска. (Фото: НГСМ)

    По враќањето од Рим, на младиот пар им се раѓа најстарата ќерка, крстена по кумата Ана, но импресионирани од Италија, ја викаат Бјанка. Потоа ја добиваат Марија – Маќе, и подоцна синот Филип – Магу, за чии прекари исто така имаат приказни.

    Како уредничка-новинарка, Хилда била многу зафатена со сопствената професионална кариера, но, споделува дека е точно оти и дома била прилично ангажирана. Во ателјето на Кондовски, во нивниот семеен дом во населбата Водно, секогаш добредојдени биле луѓе од уметноста и секогаш имало дискусии на различни теми. Вели дека сега ја препрочитува пораката „Достоинството на уметникот се валка во калта на бирократијата“ насликана на еден од семејните портрети што сега е изложен, и додава:

    „Доаѓаа пријатели и од политиката, како еднаш Кемал Сејфула, да го наговараат да не реализира некоја замисла, како на пример на портретот со аждерот кога на крајот сепак не ги наслика сите тогашни буџи, како што имаше наумено“.

    Кондовска со директорката на НГСМ, Дита Старова-Ќерими на изложбата во Даут пашин амам. (Фото: НГСМ)

    Кондовски почина во август 1993, на 66 години во Скопје. Неговата сопруга Хилда вели дека тој постојано работел, цел живот, а неколку часа пред да почине ја завршил последната своја слика. Тоа лето останале во Скопје поради проблеми со здравјето на Кондовски. Оттогаш, таа не била во нивната Трпејца. Тие, на крајот на 1970-тите, беа меѓу првите надворешни жители на ова охриско рибарско село. Со спокоен тон Хилда вели:

    „Немам желба, немам мотив да одам веќе во Трпејца. А, тоа е селото каде што Димче постојано сликаше. Сите ги црташе, млади, стари, и шталите што веќе ги нема ги наслика, и огништето на баба Крстинка, која постојано нешто готвеше. Кога дојдовме, во месната црква ‘Св. Никола’, светецот беше веќе потполно избледен. Димче го наслика одново. Каков што е сега“.

    Ретроспективната изложба на Кондовски, прва по 30 години, е подготвена од Националната галерија на Северна Македонија, а кураторот Емил Алексиев е автор и на ексклузивната монографија. Од 95 изложени дела, само пет се позајмени од други места, а останатите 90 грижливо ги чува семејството, при што повеќето од нив не се видени во јавност уште од времето кога Кондовски беше жив. Ремек-дело до ремек-дело, изложбата ги опфаќа сите фази од творештвото на Кондовски, прикажувајќи како тој се менувал и развивал стилски низ децениите, без да изгуби трунка од својата генијалност и креативност.

    Изложбата се отвори на 5 мај и ќе трае 3 месеци.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира