СТИХОВИТЕ НА МАТЕЈА МАТЕВСКИ СЕ ПРАЗНИЦИ ВО КАЛЕНДАРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА, КАЖА АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МАНУ

    СТИХОВИТЕ НА МАТЕЈА МАТЕВСКИ СЕ ПРАЗНИЦИ ВО КАЛЕНДАРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА, КАЖА АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МАНУ„Матеја Матевски последните години ги помина врзан за постела, но сепак успеваше последните сили да ги чува за да пишува и пишуваше до последен здив, останувајќи им верен на своите идеали на младоста“.- Академик Влада Урошевиќ денеска на комеморацијата во МАНУ (Фото: МИА)

    Човек-епоха во македонската поезија, вонсериски поет и интелектуалец, академик и општественик, питом, внимателен, благороден човек , се дел од топлите зборови со кои академиците и пријателите се сеќаваа на академик Матеја Матевски, кој почина вчера на 89 години, на денешната комеморација во Македонската академија на науките и уметностите.

    За неговото дело и големо срце говореа претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, академик Влада Урошевиќ и професорката од Факултетот за драмски уметности во Скопје, Јелена Лужина.

    „ Една од најмаркантните и најстамените фигури на современата македонска поезија, човек со фасцинантна уметничка ерудиција кој зад себе остави грандиозно дело, раскошна дарба и талент што од него направија величина која ги надмина границите на нашата земја“, рече академик Фити, додавајќи оти Матевски ја раководел Академијата во тежок и турбулентен период за земјата и Академијата (2001-2003) кога на МАНУ и бил потребен човек со интелектуални способности и човечки доблести кои, како што рече, му беа иманентни токму на Матевски.

    Со импозантниот број престижни национални и меѓународни награди и неговото членство во десет странски академии и научни друштва, како што рече тој, академик Матевски беше и ќе отане гордост на својата земја, на МАНУ, на неговото семејство, пријателите и почитувачите.

    Семејството на врвниот македонски поет, академик и интелектуалец Матеја Матевски (Фото: МИА)

    Говорејќи за неговото творештво, академик Влада Урошевиќ рече Матевски е најпреведен македонски поет – со препеви на повеќе од 20 јазици, како и дека Матевски има импресивен поетски опус заокружен со 24-тата стохизбирка „Темни деноноќија“ објавена минатата година.

    „ Последните години ги помина врзан за постела, но сепак успеваше последните сили да ги чува за да пишува и пишуваше до последен здив, останувајќи им верен на своите идеали на младоста.

    Тој е поет кој направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности. Матеја Матевски е поет кој во македонската поезија ги напиша првите стихови кои звучат навистина модерно и чијашто модерност не изгубила ни денес ништо од својата длабочина и свежина“, кажа Урошевиќ.

    Тој рече дека појавата на три песни од „Дождови“ во списанието „Млада литература“ во 1955 година е исклучителен миг на македонската литература тој ја нарече .

    „ Со секавичен блесок на откровение се појави еден поет од прв ред чиишто стихови носеа во себе визионерска светлина и изненадувачка силина. Тоа е датум запишан со црвени букви во календарот на македонската поезија“, додаде Урошевиќ и ги прочита двете песни со наслов „Епитаф“ од втората стихозбирка на Матевски, „Рамноденица“.

    Академик Матевски бил првиот наставник по историја на светска драма и театар на Одделот за драмски актери на Музичката академија – јадрото на сегашниот ФДУ. На Институтот за театарски студии во Париз го изучувал модерниот француски театар и драма.

    Професорката од ФДУ Јелена Лужина рече дека педагогијата за Матевски не била професија, туку мисија. Таа го нарече активист по раѓање и, човек од денес, веќе изумрената сорта луѓе со крстот на чело, на кои приоритетот секогаш им бил јавниот интерес и општото добро.

    Лужина се потсети на јуни 2011 година, кога академикот дошол во МНТ каде актерите ја подготвувале претставата „Копнеж по целина“ според истоимената негова стихозбирка.
    „Мотивираниот ансамбл тргна да игра за присутниот академик, класик, поет од читанките, преведен на 20-ина јазици, славодобитник на недоброј најпрестижни награди, кандидат за Нобел, а се соочи со питом, внимателен, благороден и неверојатно стеснителен човек, кој бескрајно ги почитуваше нивниот труд, нивната старст, нивниот ентузијазам. Им беше преблагодарен за вниманието што го подариле на неговите стихови, за можноста самиот тој да ги види и да ги доживее од сосема поинаков агол“, рече професорката.

    На јубилејното, 50-то издание издание на Струшките вечери на поезијата во 2011 година, Матевски го доби Златниот венец.

    Автор е на стихозбирките: „Дождови“, „Рамноденица“, „Перуника“, „Круг“, „Липа“, „Раѓање на трагедијата“, „Оддалечување“, „Црна кула“, „Завевање“, „Мртвица“, „Внатрешен предел“, „Заминување на светулката“ .

    Академик Матевски денеска беше погребан на Градските гробишта Бутел во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира