„СТРАНЦИ“ ПОКАЖУВА КОЛКУ ТЕЛЕФОНИТЕ НЀ ОТУЃИЈА ОД ПАРТНЕРИТЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВИТОШЕВИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ

    „СТРАНЦИ“ ПОКАЖУВА КОЛКУ ТЕЛЕФОНИТЕ НЀ ОТУЃИЈА ОД ПАРТНЕРИТЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВИТОШЕВИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИЗаплетот во „Странци“ настанува кога во еден момент за време на вечерата на неколку двојки, тие почнуваат да играат игра: да ги читаат на глас сите пораки кои ќе им стигнат на телефоните. -Филип Трајковиќ, Предраг Павловски, Ирена Ристиќ и Билјана Драгиќевиќ - Пројковска во сцена од претставата (Фото: Ф. Кондовски)

    Што ќе се случи ако скришно ѕиркате во телефонот на другиот? Соочувањето со вистината решавa или пак отвара нов проблем? Ова се дел од прашањата кои ги поставува претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, чија премиера е вечерва во Драмски театар во 20 часот.

    Претставата е работена според сценариото од повеќе автори на италијанскиот филм „Совршени странци“ на Паоло Џеновезе, а драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.

    Според режисерката, „Странци“ е драмомедија (кованица од драма и комедија), во која седум пријатели играат игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи, со што си ги откриваат личните тајни и отвораат болни конфликтни ситуации.

    Играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

    „Темата е актуелна и со неа може да се поврзе секој. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и семејства, колку лагата станува поважна од вистината. Претставата ја отвора Пандорината кутија во која се сите наши демони“, вели Витошевиќ, која во Драмски работи после 11 години, по дипломската претстава „Чикашки перверзии“.

    В. д. директорот на Драмски театар Сашо Тасевски смета дека „Странци“ е претстава каква што му треба во моментов на Театарот и која ќе покаже во која насока е тргнат Драмски.

    Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите на Роза Трајческа – Ристовска, а музиката на Огнен Анастасовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари