СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ БАРААТ ДА СЕ ПОНИШТИ КОНКУРСОТ ЗА ДИРЕКТОР, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ САМО БУБЕВ ГИ ИСПОЛНУВА УСЛОВИТЕ

    СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ БАРААТ ДА СЕ ПОНИШТИ КОНКУРСОТ ЗА ДИРЕКТОР, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ САМО БУБЕВ ГИ ИСПОЛНУВА УСЛОВИТЕАктерите реагираат оти избраниот директор Васил Бубев е поранешен професор по физичко во Василево. (Фото: СДК.МК)

    Вработените од Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица каде функционира и Струмичкиот театар бараат од Министерството за култура да го поништи изборот на директор на оваа установа бидејки кандидатот што треба да го води Центарот воопшто немал допирни точки со културата. На распишаниот конкурс се јавиле тројца кандидати, а за директор е избран Васил Бубев, актуелен директор на градинките во Струмица и поранешен професор по физичко во Василево.

    „Еден од критериумите е кандидатите да имат минимум 5 години искуство во културни институции или да имат работено на проекти од областа на културата. Избраниот кандидат Бубев, наставник по физичка култура по своето формално образование и сегашен директор на градинките ‘Детска радост’, не го исполнува овој критериум за разлика од останатите два. Бараме Министерството за култура да ја повлече ова одлука за избор на кандидатот Васил Бубев за директор бидејќи според своите професионални квалификации тој не е соодветен за нашата институција. Нема да ви помине“, кажа актерот Ванчо Василев.

    За оваа функција конкурирале и Јасмина Пијанманова вработена во Струмичкиот музеј, инаку магистер по културен менаџмент, и актерката од Струмичкиот театар Оливера Аризанова. И двете реагираа дека имале соодветна документација што можело да се виде во пријавите.

    Од Министерството велат дека само Бубев ги исполнувал правно-формалните услови од конкурсот. Кандидатката која е магистер по културен менаџмент не доставила сертификат дека го познава англискиот јазик не постар од 5 години, додека кандидатката актер од Струмичкиот театар немала доказ дека во јавноста е признат културен работник и доказ дека 5 години работела во културна институција.

    „Министерката за култура врз основа на предлогот на Комисијата за селекција на кандидати, спроведеното интервју и доставената Програма одлучи и оцени дека третиот кандидат, Васил Бубев, ги исполнува општите и посебните услови од Јавниот оглас да биде назначен за директор. Рок за жалба на одлуката нема, од причина што во Законот за култура постапката за избор е едностепена и завршува токму со Одлука за избор или неизбор“, ни рекоа од Министерството.

    Оттаму соопштија дека незадоволните имаат право на тужба во рок од 15 дена пред граѓански суд, бидејќи се работи за Оглас за работни односи.

    Досега Центарот за култура во Струмица го водеше Ванчо Ристов како в. д. директор.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира