СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ ПОБАРАА ОСТАВКА ОД ДИРЕКТОРОТ НА ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА

    СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ ПОБАРАА ОСТАВКА ОД ДИРЕКТОРОТ НА ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРААктерите залепија транспаренти „Оставка сега“ на влезот на Центарот за култура. (Фото: СДК.МК)

    Актерите од Струмичкиот театар, по минатонеделниот протест во Скопје, денеска повторно го изразија своето незадоволство од назначувањето на Васил Бубев за директор на Центарот за култура „Антон Панов“ и побараа негова оставка. На плоштадот во Струмица поставија транспаренти „Оставка сега“ кои ги залепија на влезот од оваа културна институција. Тие се револтирани и сметаат дека сегашното кадровско решение не е во интерес на културата и Струмичкиот театар.

    Актерот Ванчо Мелев вели дека со културна институција и театар треба да раководи културен работник со широки познавања од уметноста, а не личност која нема допирни точки со културата.

    Актерите се незадоволни од изборот на Бубев, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево. Актерите и претходно бараа од министерката за култура Ирена Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актерка со речиси 30-годишно искуство.

    „Личноста која ќе ја исполнува таа задача мора да има знаења и познавања од повеќе уметнички области за да може успешно да го менаџира сложениот процес во кој мртвиот текст оживува во претстава. Таа функција не може да ја извршува личност која не е едуцирана пошироко од литератуната област, особено во сферата на драматургијата и театарот“, рече Мелев кој повика на разум кај сите одговорни за да се надмине проблемот.

    Според него, несфатливо е како може да продолжи инертноста на институциите и покрај незадоволството на актерите и културните работници не само од Струмица, туку од цела држава од назначувањето на Бубев за директор.

    Цел месец трае незадоволството на актерите од кадровското решение за директор на центарот „Антон Панов“ во Струмица. Тие реагираат оти Министерството за култура фаворизира само еден кандидат кој доаѓа од областа на физичкото образование. Освен Бубев за функцијата директор во струмичкиот Центар за култура, аплицирале и Јасмина Мазгалиева, магистерка по културен менаџмент и вработена во струмичкиот Завод и музеј, и актерката Оливера Аризанова-Монсбарт.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира