Француската актерка и поранешна манекенка на „Викторија сикрет“ Летиција Каста летово ќе снима филм во неколку битолски села. Четириестгодишната Каста ќе глуми во филмот „Позади хоризонтот“ во режија на Делфин Лерис, швајцарско-француска копродукција, поддржана од Еуримаж . Снимањето ќе трае од 20 јули до 24 август.
Каста беше супермодел на „Викторија сикрет“ од 1998 до 2002, заштитно лице на повеќе брендови, има снимено филмови како „Астерикс и Обелиск против Цезар“, „Гензбур“, „Французинки“, а се појавила на над 100 насловни на светските списанија.
Дејството во филмот се случува летото 1976, кога Европа се соочува со една од најголемите жештини и суши во историјата.
„Гас (13 години) го поминува летниот одмор на фармата на неговите родители, чита стрипови и се дружи со локалното момче Мадо. Но полека, неговото семејство почнува да чувствува проблеми од големите жештини, неговата мајка го менува однесувањето, татко му сам се справува со сушата и Гас мора да порасне пребрзо и да преземе сериозни обврски“, е дел од содржината објавена на филскиот сајт ИМДБ.
Во филмот игра и Клеменс Поеси, која има играно во два дела од „Хари Потер“ и во ТВ-серијата „Озборувачка“, како и Тибо Еврар и Патрик Дешамп.
Филмскиот сервис во Македонија го обезбедува продукцијата „Кино око“, од каде велат дека продуцентите „Бокс продашкнс“ од Швајцарија и „Помеѓу куче и волк“ од Франција ќе ги користат поволностите од Законот за филмска дејност, во делот на поврат на финансиски средства кои не се обезбедени од буџетот на Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА