Реномираната фолк-пејачка и првенка на националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, ја испеа македонската химна во Подгорица на првиот концерт од балканската турнеја на „Танец“. Целата публика, заедно со Спасовска ја испеа и „Македонско девојче“.
„’Танец’ со својот музичко-сценски колаж, на исклучителен начин ги пренесе духот и убавината на традиционалната македонска култура, создавајќи посебно доживување за бројната публика, која ја исполни салата до последното место. Концертот започна со македонската и црногорската химна, кои ги пееја првенката на ‘Танец’, Сузана Спасовка и Марина Цуца Франовиќ“, велат од „Танец“.
Ансамблот, директорката Весна Митевска и гостите ги поздрави и амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ, а концертната вечер во чест на „Танец“ ја отвори црногорскиот фолклорен ансамбл „Будо Томовиќ“. Потоа се играа Тешкото, Женско чамче, Копачка, Мариовска тресеница, Радовишки собор, Жетварка, Малешевка, како и низа вокални и инструментални сплетови.