СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА 2018 ЗА АНДОВА-ШОПОВА ВО КИЦ

    СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА 2018 ЗА АНДОВА-ШОПОВА ВО КИЦФросина Пармаковска (претседателка на жирито и лански лаурет), Николина Андова-Шопова, добитничка на годинашната награда и Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“ (Фото: СДК.МК)

    Писателката Николина Андова-Шопова вечерва во 19 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) ќе ја прими наградата за Роман на годината за 2018, за нејзиното дело „Некој бил тука“, во издание на „Темплум“ . Наградата ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Престижното признание 18 години го доделуваше „Утрински весник“, а по згаснувањето на весникот во 2017, изминативе две години го доделува Фондацијата.

    За наградата одлучуваше жири комисијата во состав: Фросина Пармаковска (претседател и минатогодишен лауреат), поетот и академик Богомил Ѓузел, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и новинарката Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата.

    „Некој бил тука’ е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување“, стои во одлуката на жирито.

    Финалисти за наградата, од пристиганти 36 книги биле и „Страв од варвари“ на Петар Андоновски, издание на „Или-или“ и „Маџун“ на академик Влада Урошевиќ, издание на „Магор“.

    Андова-Шопова за својата прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ (2013) ја доби наградата „Мостови на Струга“. Освен поезија, таа пишува и раскази, песни и сликовници за деца. „Некој бил тука“ е нејзин прв роман.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира