ТАЈВАНСКАТА ПУБЛИКА ВО РЕДИЦИ И СО ЧАСОВИ ЧЕКАШЕ АВТОГРАМИ ОД МИЛЧО МАНЧЕВСКИ

    ТАЈВАНСКАТА ПУБЛИКА ВО РЕДИЦИ И СО ЧАСОВИ ЧЕКАШЕ АВТОГРАМИ ОД МИЛЧО МАНЧЕВСКИПубликата чекала час и половина во 20-метарска редица за автограм од Милчо Манчевски, кој е автор во фокусот на Филмскиот фестивал Златен коњ во Тајпеј, Тајван, еден од најголемите фестивали во Азија. (Фото: Филмски фестивал Златен коњ Тајпеј)

    Преполни сали, голема медиумска покриеност и редици се впечатоците од азиската премиера и проекциите на македонскиот филм „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски на Филмскиот фестивал Златен коњ во Тајпеј, Тајван, еден од најголемите фестивали во Азија.

    Од неговиот тим велат дека публиката чекала час и половина во 20-метарска редица за автограм од режисерот. Манчевски е автор во фокусот на фестивалот, и покрај премиерата на „Врба“, како ретроспектива прикажани се и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“. Одлични реакции и комплименти имало после проекциите на сите негови филмови.

    Тајванската публика со големи овации и честитки ги поздрави филмовите на Манчевски (Фото: Филмски фестивал Златен коњ)

    „После првиот ден имаше толку ловци на автограми што следните вечери организаторите подготвија посебна локација со биро и асистенти за редот на вљубеници во филмовите на Манчевски. По премиерата на ‘Врба’, Манчевски имаше долга сесија прашања и одговори со публиката која искрено се возбуди од филмот, а следниот ден тој одржа и долг мастерклас во преполна сала“, велат од неговиот тим.

    Куриозитет на престојот на Манчевски во Тајпеј е средбата со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав.

    Манчевски со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав

    „Многу ми беше мило, не сме се виделе од Токио во 2001. И двајцата почнавме да правиме понеконвенционални филмови во меѓувреме, јас ‘Мајки’, ‘Бикини Мун’ и ‘Крајот на времето’, тој перформанс-филмови и филмови кои ги прикажува во музеи наместо во киносали. Си пуштавме парчиња од филмовите во прогрес на ајпед, се смеевме и шегувавме“, вели Манчевски за средбата со неговиот колега и пријател Цаи Минг-Лианг.

    Манчевски на директорот на фестивалот му ја претстави фотокнигата „Пет капки сон“

    Манчевски за првпат лично присуствува на фестивалот во Тајпеј, но неговите филмови се многу познати и ценети во оваа земја, а по „Пред дождот“ во 1995, сите играле и на фестивалот и во редовната кинодистрибуција во Тајван. Тие се редовен дел од наставата на филмските академии и други факултети во Тајван, а авторот има култен статус како уметник кој на оригинален и особен начин го поима и го третира времето во неговите филмови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира