„ВРБА“ СО АЗИСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТАЈПЕЈ, ИМА РЕКОРДНИ 11.000 ГЛЕДАЧИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ВО МАКЕДОНИЈА

    „ВРБА“ СО АЗИСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТАЈПЕЈ, ИМА РЕКОРДНИ 11.000 ГЛЕДАЧИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ВО МАКЕДОНИЈАФилмот ја имаше македонската кинопремиера на 1 ноември, а продукцијата соопшти дека за една недела има рекордни над 11.000 гледачи низ земјава; - Камка Тоциновски во сцена од „Врба“. (Фото: Продукција на „Врба“)

    „Врба“ на Милчо Манчевски ќе има азиска премиера на 13 ноември во Тајпеј, Тајван, на еден од најголемите филмски фестивали во Азија. Филмот ја имаше македонската кинопремиера на 1 ноември, а продукцијата соопшти дека за една недела има рекордни над 11.000 гледачи низ земјава.

    Манчевски годинава е еден од тројцата автори во фокусот  на Филмскиот фестивал Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј (11-24 ноември), освен премиерата на „Врба“ ќе има и ретроспектива на неговиот опус, а тој ќе одржи и мастерклас. По премиерната проекција на „Врба“ предвидена е и сесија прашања и одговори со режисерот, а во негова чест ќе бидат прикажани и „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.

    Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 и е еден од најстарите во Азија, е конгломерат во кој се споени престижните награди Златен коњ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија.

    „Врба“ светска премиера имаше на Римскиот филмски фестивал на 19 октомври. Од 1 ноември филмот е на репертоар во скопските кина Синеплекс и Милениум, од денеска и во Гевгелија, а се прикажува и во Битола, Штип, Охрид, Кичево, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе. Од 11 ноември ќе игра во Куманово, Радовиш и Неготино, од 13 ноември во Виница, во Кочани, Богданци и Македонска Каменица од 14 номеври, Крушево на 16 ноември и Струмица на 25 ноември.

    Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија, а играат Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира