ТАМАРА КОТЕВСКА ДОБИ „ЗЕЛЕН ОСКАР“ ЗА НАЈДОБРА РЕЖИЈА И ПРОДУКЦИЈА ЗА „СИЛЈАН“ ВО БРИТАНИЈА

    ТАМАРА КОТЕВСКА ДОБИ „ЗЕЛЕН ОСКАР“ ЗА НАЈДОБРА РЕЖИЈА И ПРОДУКЦИЈА ЗА „СИЛЈАН“ ВО БРИТАНИЈАКотевска е прва добитничка на ова признание од Македонија и регионот. (Фото: Вајлдскрин панда)

    Македонската режисерка Тамара Котевска доби Зелен Оскар за најдобра режија и продукција на наградите „Валјдскрин панда“ (Wildscreen Panda Awards) во Велика Британија, за документарниот филм „Приказната за Силјан“. Котевска е прва добитничка на ова признание од Македонија и регионот. „Силјан“ беше номиниран и во категоријата за најдобра музика за Џо Вилсон Дејвис и Хунук Парк.

    Наградата Панда, позната како Зелен Оскар во меѓународната индустрија за филмови и телевизиски програми за дивиот свет, се доделува од 1982. Годинешното доделување се одржа на 22 октомври, во Бат, Велика Британија, а „Силјан“ беше меѓу
    70 финалисти – кратки и долгометражни филмови, како и серии избрани од 624 пријави од 46 земји ширум светот – распоредени во 18 категории за награда. Ова е едно од највисоките признанија за филмските автори кои преку своите дела ја истражуваат природата и сложениот однос меѓу човекот и животната средина. Меѓу досегашните добитници се сер Дејвид Атенборо и оскаровката Пипа Ерлих, режисерката на „Октоподот, мојот учител“.

    „Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал во 2025, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Беше македонски кандодат за Оскар во категоријата за Најдобар странски филм, а имаше квалификација и за категоријата Најдобар документарец, но не доби номинација. „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември 2025 ја имаше американската кинопремиера во Њујорк, а од јануари годинава играше и во кината низ Македонија. Годинава доби две номинации за американската ТВ-награда Еми, за Исклучителни достигнувања во документарното филмско творештво и за Извонредна камера за документарна програма за кинематограферот Жан Дакар. Филмот освои и неколку значајни награди, а уште се прикажува на филмските фестивали. Во јуни на фестивалот во Краков Полска ја освои наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари- ФИПРЕСЦИ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира