Македонската режисерка Тамара Котевска во Лондон ја освои наградата „Гриерсон” за најдобар кино-документарен филм, најголема британска награда за документарци, за нејзинопт филм „Приказната за Силјан“.
Основани во 1972 година, наградите Гриерсон (Grierson Awards) претставуваат најзначаен настан за документарниот филм во Велика Британија. Со овие награди се оддава признание на документарните филмови од Велика Британија и од странство кои дале значаен придонес во развојот на овој жанр и се одликуваат со висок квалитет, интегритет, креативност, оригиналност и севкупна извонредност.
Познати и како Британски награди за документарен филм (British Documentary Awards), наградите Гриерсон се основани во чест на пионерот на шкотскиот документарен филм, Џон Гриерсон (1898–1972, широко признат како татко на документарниот филм.
Досегашни добитници на оваа награда се оскаровците Асиф Кападија, Алекс Гибни, Кевин Мекдоналд, Вернер Херцог, Луј Теру и сер Дејвид Атенборо.
„Вредноста на ‘Приказната за Силјан’ продолжува да се потврдува и по цела една година исполнета со награди, а ние очекуваме уште многу нови признанија и во наредниот период. Искрено, немам и што повеќе да кажам со зборови, освен дека овој филм го носи моето срце и целата моја страст кон седмата уметност“, изјави Котевска.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал во 2025, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Беше македонски кандидат за Оскар во категоријата за Најдобар странски филм, а имаше квалификација и за категоријата Најдобар документарец, но не доби номинација. „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември 2025 ја имаше американската кинопремиера во Њујорк, а од јануари годинава играше и во кината низ Македонија. Годинава доби две номинации за американската ТВ-награда Еми, за Исклучителни достигнувања во документарното филмско творештво и за Извонредна камера за документарна програма за кинематограферот Жан Дакар. Филмот освои и неколку значајни награди, а уште се прикажува на филмските фестивали. Во јуни на фестивалот во Краков Полска ја освои наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари- ФИПРЕСЦИ.



