ТОА ШТО Е МАРАДОНА ВО ФУДБАЛОТ, МАЈЛС ДЕЈВИС ВО МУЗИКАТА, РИСТО СТЕФАНОВСКИ Е ВО ТЕАТАРОТ, РЕКОА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ТЕАТАРСКАТА ЛЕГЕНДА

    ТОА ШТО Е МАРАДОНА ВО ФУДБАЛОТ, МАЈЛС ДЕЈВИС ВО МУЗИКАТА, РИСТО СТЕФАНОВСКИ Е ВО ТЕАТАРОТ, РЕКОА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ТЕАТАРСКАТА ЛЕГЕНДА„Ристо е нашата енциклопедија, институтот што го немаме“, рекоа театарџиите. (Фото: К. Попов)

    Тоа што е Марадона во фудбалот, Мајлс Дејвис во музиката, Ристо Стефановски е во театарот , беше речено на денешната комеморација  за легендарниот театаролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар, кој создавал во три општествени системи и три театри.  Стефановски, кој  почина на 22 март годинава на 94 години, 26 години беше директор на на Драмски театар, a МНТ го раководеше  во неговиот значаен период од 1983 до 1988.

    Во атмосферата со дебармаалски шмек, За Ристо емотивно говореше неговото семејство,  актери, режисери, драматурзи. Открија дека, како роден скопјанец, пеш го одеше градот, а цел живот џогирал. Семејствотот го делел со театарот оти од гостувања со телеграми честитал новородени внуци. Дури и неговата сопруга често велела „Го делам Ристо со театарот“.

    Рекоа дека е за Гинис тоа што го напишал, оти 70 години на дневна база водел театарски дневник, предантно и со многу сочни детали. Сѐ има во нив, за секого кој ќе сака да истражува.

    Тој го уредуваше списанието „Театарски гласник“ буквално до смртта, а  автор е и на 12 тома книги „Театарот во Македонија“, како и на други публикации.

    „Ристо е нашата енциклопедија, институтот што го немаме“, рекоа театарџиите.

    На комеморацијата беше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, а телеграми испратија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. (Фото: К. Попов)

    На комеморацијата одеа видеоинсерти од документарни емисии за Ристо, со говор на актери од повеќе тетари, беа интерпретирани текстовите на режисерите Слободан Унковски, Наум Пановски, драматургот Јордан Плевнеш и актерката Милица Стојанова.

    „Си заминаа и Иван, Мирко, Круме, Миле. Си заминаа и други, енцикопледии. Ти последен. Се прашувам: Што правиме ние сега? Во една од моите најомилени книги, ‘Господарот на прстените’, кога се говори за смртта на Гандалф, добриот сив волшебник, се вели: кога паѓаат големите, помалите мора да водат. Се прашувам, каде ќе нè води оваа наша генерација која сакале-нејќеле мора да води? Знам дека тоа ќе го направиме со гордоста и со смелоста на која ти нѐ научи. Секогаш ќе бидам благодарен што сум дел од твојата фамилија, фамилијата на твоите браќа и нивните потомци“, рече говорејќи преку видеолинк Игор Стефановски, внук на Ристо и син на Горан Стефановски, кој живее во Велика Британија.

    Драматугот Братислав Димитров Стефановски кажа дека Ристо е феномен во светски размери.

    „Како никој пред и како никој после него, тој успевал да создава одличен театар во три сосема различни општестевени системи и во три различни театари. Во услови на материјална, но често и во морална беда, кога и најупорните се откажуваа, заменувајќи го стресниот театар со удобна фотелја и топли влечки, нашиот Ристе влегувал во сурови битки и пронаоѓал решенија доследни и за најголемите магионичари и алхемичари, рече Димитров.

    Актерот на Драмски театар Јовица Михајловски, кој се обрати преку видеолинк, кажа дека Горан Стефановски работата на Ристо ја споредил со работата на врвен енолог.

    „За да имате врвно вино, треба внимателно да го одберете грозјето, да биде од една сорта, па да се собере на време, да одлежи, да ферментира, флашира и да биде спремно за конзумација. Истата таква методологија Ристе ја применувал во градењето, нормално под контрола на уметничкиот совет. Истиот таков процес го применувал во одбирот при создавање на ансамблот. Во Драмски не можеше да се случи директно од Академија да играте главна улога“, рече Михајловски.

    Присутните се насмеаја на анегдотите за ривалството меѓу Драмски и МНТ, кои ги раскажа Унковски преку неговиот текст кој беше интерпретиран на сцената. За него, Ристо им рекол, „Вработете го како драматург, ама да има за сто динари поголема плата од тој во МНТ“.

    На крајот, колегите од МНТ, Драмски, Турски театар, режисери, драматурзи, актери од целава земја, го испратија Ристо со долг аплауз, а во фон одеа „Бистра вода“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Јовано, Јованке…“  отсвирени од внук му Влатко Стефановски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира