Центарот за култура од Битола годинава ќе распише оглас за објавување македонски монодрами. Центарот, кој со години е домаќин и на Меѓународниот фестивал на монодрамата, вели дека конкурсот е за да се интезивира творештвото за македонски монодрами.
Проектот е поддржан од Министерството за култура со 55 илјади денари, а директорката на Центарот Маја Андоновска-Илијевски вели дека сака да го обнови она што се пратикувало во минатото и да се поттикнат македонските автори да создаваат монодрами како жанр. Со овие пари годинава ќе распишат конкурс, а следната година се надеваат дека од печат ќе излезе издание на избраните најдобрите монодрами.
„Моја желба беше да ги поттикнеме и авторите зашто не само монодрами, туку сè помалку излегуваат и македонски драми. Многу мал број на автори творат и создаваат и навистина се надевам дека ова ќе биде поттик плус, видов дека и фестивалот ‘Војдан Чернодрински’ распишува годинава конкурс за создавање македонски драми, па можеби е време да ја разбудиме и таа интелектуална фела која го создава делото што ние актерите на крај го оживуваме на сцената“, рече Андоновска-Илијевски.
Таа додаде дека ако порано со монодрами се зафаќале актери во залезот на својата кариера, сега има интересна тенденција монодрамата да ја работат млади кои започнуваат да го отвораат својот пат кон театарската сцена. Веќе неколку години за фестивалот стигнуваат и апликации на сѐ поголем број дипломирани млади студенти кои започнуваат со создавање монодрами.
Ж. ЗДРАВКОВСКА