ТУРГЕЊЕВ БИЛ ВИСТИНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР СО ПЕНКАЛО В РАКА, А НЕ КАКО ОВИЕ ДЕНЕС, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПАОЛО МАЏЕЛИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ЕДЕН МЕСЕЦ НА СЕЛО“ ВО МНТ

    ТУРГЕЊЕВ БИЛ ВИСТИНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР СО ПЕНКАЛО В РАКА, А НЕ КАКО ОВИЕ ДЕНЕС, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПАОЛО МАЏЕЛИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ЕДЕН МЕСЕЦ НА СЕЛО“ ВО МНТАктерот Ѓорѓи Јолевски, режисерот Паоло Маџели, директорката на МНТ Симона Угриновска, композиторот Љупчо Константинов и асистентот на режија Дамјан Костовски на прес-конференцијата за премиерата на „Еден месец на село“ (Фото: МНТ)

    Текстот на рускиот класик Иван Сергеевич Тургењев „Еден месец на село“, кој за првпат се поставува во Македонија, в сабота премиерно ќе биде изведен во Македонскиот народен театар (МНТ), во режија на Италијанецот Паоло Маџели, еден од водечките светски режисери и интелектуалци. Маџели (71) во МНТ се враќа после 40 години, кога ја поставил „Црна дупка“ од Горан Стефановски, а претходно во Драмски ги работел „Браќа Карамазови“ од Достоевски и „Тетовирани души“ од Стефановски.

    Маџели ја работеше претставата од март годинава, и по паузата летово, продолжија со проби на почетокот на месецов. Режисерот вели дека процесот не бил лесен, особено што Тургењев важи за еден од најголемите интелектуалци не само во Русија, туку и во Европа. Тој е автор, рече Маџели, кој во книжевноста ги убил романтизмот и натурализмот, и вовел форми кои денес се препознаваат како експресионизам.

    Од пробите на „Еден месец на село“ со Никола Ристановски и Ана Стојановска (Фото: М. Златевска)

    „ На 9 октомври се навршуваат 200 години од раѓањето на Тургењев. Но, премиерата на претставата случајно се поклопи со овој важен датум. Овој текст го работев во Загреб во 2004 година и се задржа десет години на репрерторот. Таму претставата доживеа голем успех, но тоа не значи дека и овде ќе биде така. Ќе видиме. Таму ја работев поинаку, глумците се други. И кога открив дека Тургењев, за кого јас, а и целиот свет сметаат дека е еден од најважните писатели на 19 век, не е преведен, а поминале 200 години, си реков ‘мора да го направиме”, рече Маџели.

    ОМРАЗАТА И НАЦИОНАЛИЗМОТ НЕ СЕ МОЈ СВЕТ, СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ РЕЖИСЕР ПАОЛО МАЏЕЛИ РАБОТИ ВО МНТ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

    Маџели говореше дека за Достоевски, Тургењев бил аристократ, господар, богат човек, убав, талентиран.

    „Бил арогантен, имал сѐ што еден писател треба да има. Поимот ‘нихилизам’ во филозофијата потекнува од него. Тој бил револуционер со пенкало во рака, ама вистински, не како овие денес. Тој бил човек кој се борел за ослободување на робовите во Русија. Имал посед во Русија и еден во Франција. Луѓето кои живеле на поседите ги сметал за свое семејство. И тоа се рефлектира во неговите дела. Чехов го обожавал Тургењев. Поради сево ова, сметав дека овој великан на светската култура кој се залагал за европска Русија заслужува да биде поставен во МНТ“, кажа Маџели.

    Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски, Ана Стојановска и децата Лука Софрониевски, Димититар Илијевски и Александар Цветковски.

    „Еден месец на село“ е текст каде е важен колективот, тука актерите имаат големи задачи. Сите ликови, вели Маџели, се главни, исто како кај Чехов. Еден лик има некоја доминација, која е зависна од другите ликови.

    Актерите рекоа дека текстот е комедија, но претставата е трагикомедија, и дека може да се каже дека е политичка претстава.

    Драматург на претставата е долгодишната соработничка на Маџели Жељка Удовичиќ, асистент на режија е Дамјан Костовски, а преводот на делото го направи актерката од Драмски театар, Катерина Коцевска.

    Автор на музиката е Љупчо Константинов, за кого Маџели рече дека е негов животен сопатник со кого работат повеќе од 50 години. Композиторот рече дека музиката почнал да ја работи во јануари, и дека нема ниту едно снимено парче, туку музиката во живо ја изведуваат актерите.

    Сценографијата е на Лоренцо Банчи, сликар од Италија, а костимите Мануела Паладин од Ријека, за која Маџели вели дека е една од најдобрите и најинтересни млади костимографи во Хрватска.

    Репризата на „Еден месец на село“ е на 2 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира