УМЕТНОСТА Е МОЌНА ДА НИ ПОМОГНЕ ДА СЕ ВРАТИМЕ ВО НОРМАЛА, ВЕЛИ ХЕДВИГ ФЕЈЕН, ДИРЕКТОРКА НА УМЕТНИЧКОТО БИЕНАЛЕ МАНИФЕСТА

    УМЕТНОСТА Е МОЌНА ДА НИ ПОМОГНЕ ДА СЕ ВРАТИМЕ ВО НОРМАЛА, ВЕЛИ ХЕДВИГ ФЕЈЕН, ДИРЕКТОРКА НА УМЕТНИЧКОТО БИЕНАЛЕ МАНИФЕСТАФејен, исклучително призната и позната во уметничкиот свет, во Скопје говореше за темата на годинaшното Биенале, за начинот како се бираат градовите. (Фото: МСУ)

    Холанѓанката Хедвиг Фејен, основачка и директорка на Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста, неодамна одржа предавање во Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје. Манифеста е едно од најзначајните уметнички биеналиња во Европа и четврто по ред во светот, а кое периодов се одржува во Приштина до следната година. Почетоците се во раните 1990-ти, кога се разви како патувачка платформа која се разликува од главните центри на уметничкото производство. Манифеста е практично посредник помеѓу меѓународната уметничка и интелектуална сцена, отворајќи дебати и фокусирајќи се кон специфични прашања на локалната заедница.

    Организаторите овојпат го избраа градот Приштина поради неговата географска и геополитичка важност во рамките на Западен Балкан, за да го развијат проектот „Манифеста 14 Приштина“. МСУ Скопје е партнерска институција во организација на „Манифеста 14 Западен Балкан: Копроизводство на заеднички простор и обликување на формации на солидарност на Западен Балкан и пошироко“, кофинансиран од Европската Унија.

    МСУ ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма. Дискурзивната програма ќе се фокусира на функцијата на музеите на современа уметност во ерата на Новата реалност, која е обликувана од поврзани настани во текот на 2020 и 2021, како што се пандемијата, локалните затварања, затворените граници, одговорите на националистичката влада, непријателските еколошки политики, протести.

    Раскажувањето е клучна стратегија за опстанок, а особено во време на нарушувачки општествени промени. Пандемијата на коронавирус потресе многу прашања во граѓанското општество, вели Фејен. (Фото: Л. Баумгарт)

    Фејен, исклучително призната и позната во уметничкиот свет, во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК говори за темата на годинaшното Биенале, за начинот како се бираат градовите, за улогата на уметноста денес.

    • Како ги бирате градовите? Има ли некоја специфична категорија како се бираат градовите?
    • Надзорниот одбор на Фондацијата Манифеста избира градови откако ќе поднесат понуда за домаќин, најмногу четири години пред самото биенале. Пролетта 2019 година, Приштина беше избрана за 14. град домаќин на Манифеста. По успешниот предлог фокусиран на рекултивација на јавниот простор и создавање нова интердисциплинарна институција, Манифеста потоа беше официјално поканет од Приштина да го организира Манифеста 14. Имаме меѓународна репутација за организирање не само успешни уметнички изложби, туку и создаваме наследство преку подобрување на еко-системите во културата во градовите домаќини.  За нас беше интересен предлогот на Приштина за реновирање и интегрирање на нова интердисциплинарна културна институција, бидејќи директно се усогласува со нашата мисија да се трансформираме од организатор на изложби во инкубатор на одржливи долгорочни програми во урбаниот развој, образованието, современата уметност и културата. Нема директна нишка помеѓу нашиот сегашен избор на градови, но имаме за цел да работиме во региони кои поставуваат интересни и предизвикувачки прашања за улогата на културата во справувањето со социјалните прашања. Секое издание е сосема различно: не ја користиме истата методологија за секое биенале, наместо тоа, работиме со локални тимови за да развиеме релевантен настан и едукативна програма. Со Манифеста 14 за првпат се одржува на Западен Балкан.
    • Како се одлучивте за Западен Балкан?
    • Дел од возбудливиот предлог за Манифеста 14 беше за создавање на регионална, колаборативна мрежна програма со повеќе од 10 партнери во регионот на Западен Балкан, така што ова беше голем предизвик за нас да работиме во овој регион. Преку нашата биенална програма и околните проекти, се надеваме дека ќе ги собереме различните заедници и институции од целиот Западен Балкан.
    • Што беше главен мотив во поставувањето на темата за годинашното Биенале?
    • Темата на Манифеста 14 беше поставена од Кетрин Николс, креативен медијатор на Биеналето. Кога ја добивме поканата од Приштина, нашата цел беше јасна: да подготвиме програма на настани што ќе го вратат јавниот простор за граѓаните на Приштина. Концептот на Николс, како да се раскажуваат приказни поинаку, ја зема оваа цел и ја развива во медитативен, колаборативен процес, овековечувајќи ја идејата дека раскажувањето е клучно и за нашата колективна меморија, за нашето културно наследство, но и за погледот кон иднината. Како сакаме да раскажуваме приказни? Какви приказни треба да раскажуваме и како? И како може менувањето на начинот на кој размислуваме, колективното размислување и работењето во тандем едни со други и нашата урбана и еколошка средина, може да создаде нова визија за иднината? Дали тоа има некаква врска со новата реалност, со постпандемиските чувства на уметниците? Раскажувањето е клучна стратегија за опстанок, а особено во време на нарушувачки општествени промени. Пандемијата на коронавирус потресе многу прашања во граѓанското општество. Со зголемените ограничувања на нашиот секојдневен живот, потпирањето на интернетот и дигиталните форми на комуникација и изолацијата од заедничките општествени и културни настани, изгладнувавме од моментите на поврзување и дијалог што доведува до регенеративни социјални промени. Колаборативниот, партиципативен пристап што го користиме ќе се соочи со овие прашања и ќе им овозможи на различните заедници во Косово и регионот на Западен Балкан да работат заедно и да развијат долготрајни односи долго надвор од нашата 100-дневна програма на Биеналето.

    Нема директна нишка помеѓу нашиот сегашен избор на градови, но имаме за цел да работиме во региони кои поставуваат интересни и предизвикувачки прашања за улогата на културата во справувањето со социјалните прашања, вели Фејен. (Фото: МСУ )

    • Кои се најважните прашања за уметноста денес? Што да биде во фокусот, што да се проблематизира?
    • Денес, еколошката криза, зголемените притисоци врз градовите поради миграцијата и поттикнувањето позитивни општествени промени се најитните прашања што треба да се решат. Силно верувам во улогата на критичкото размислување да иницира долготрајни општествени промени; го има капацитетот, и навистина, одговорноста да се вклучи во овие теми. Чувствувам дека одговорноста кон одржливоста е особено важна во сегашниот момент. Сепак, уметноста не треба да се фокусира само на проблематизирање, туку и на развој и споделување на нови идеи, нови начини на размислување и нови методологии за иницирање на општествени промени. Тоа е местото каде што навистина лежи моќта на уметноста, да ни помогне повторно да замислиме како треба да живееме.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира