В.Д. ДИРЕКТОРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР АЛЕКСАНДАР ВЕЛЈАНОВСКИ РАЗРЕШЕН ПО САМО ЕДНА НЕДЕЛА, МЛАДЕН КРСТЕВСКИ НА НЕГОВО МЕСТО

    В.Д. ДИРЕКТОРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР АЛЕКСАНДАР ВЕЛЈАНОВСКИ РАЗРЕШЕН ПО САМО ЕДНА НЕДЕЛА, МЛАДЕН КРСТЕВСКИ НА НЕГОВО МЕСТОAктерот Младен Крстевски е поставен за директор на 4 август, седум дена по изборот на Велјановски кој од лични причини се повлекол од функцијата

    Актерот Младен Крстевски е нов в.д. директор на Народниот театар во Велес „Јордан Хаџи Константинов – Џинот”. Пред една недела, со одлука на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, за в.д. директор на Велешкиот театар беше поставен младиот актер Александар Велјановски, на местото на актерот Јордан Витанов, кој беше директор 10 години.

    На 4 август Велјановски, по само седум дена директорување со оваа културна институција, е разрешен и на негово место поставен актерот Младен Крстевски.

    Од Министерството за култура велат дека Велјановски од лични причини се повлекол од функцијата.

    „На 28 јули, Александар Велјановски беше именуван за директор на театарот ‘Јордан Хаџи Константинов Џинот’. По негово барање, односно како што наведе од лични причини, е разрешен од фунцијата и на негово место е назначен актерот Младен Крстевски”, велат од Министерството за култура.

    Актерот Младен Крстевски беше директор на Велешкиот театар од 2002 до 2006. Откако беше сменет и на негово место за директор дојде Јордан Витанов, Крстевски е дел од Народниот театар во Штип.

    „Назначен сум за директор на Народниот театар во Велес. Во моментов не можам ништо да ви кажам бидејќи сите вработени се на одмор до 31 август. Јас 10 години не сум дел од овој театар, па навистина не знам како стојат работите во него”, ни изјави Крстевски.

    Васил Зафирчев, кој е 5 години уметнички директор на театарот, сѐ уште останува на оваа позиција. Таа функција ја назначува директорот на театарот заедно со Управниот одбор. Зафирчев беше активен на протестите на „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со нападот на Собранието на 27 април.

    Крстевски не сакаше да коментира за понатамошниот ангажман на Зафирчев.

    „Навистина е многу рано да се зборува за било што. Зафирчев во моментов е уметнички директор на театарот Јордан Хаџи Костантинов-Џинот“, кусо искоментира Крстевски.

    Од Министерството потврдија дека нов в.д. директор на Кинотеката на Македонија е филмологот Владимир Ангелов, инаку вработен во Кинотеката, а нова в.д. директорка на Музејот на современа уметност (МСУ) е Мира Гаќина, кустос во Музејот.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира