ВАНЕ, ЌЕ СИ НАПРАВИМЕ „ТЕАТАРЧЕ ЛЕВО ЌОШЕ“ НА НЕБОТО, РЕКОА НАЈБЛИСКИТЕ КОЛЕГИ НА ВАНЧО ПЕТРУШЕВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    ВАНЕ, ЌЕ СИ НАПРАВИМЕ „ТЕАТАРЧЕ ЛЕВО ЌОШЕ“ НА НЕБОТО, РЕКОА НАЈБЛИСКИТЕ КОЛЕГИ НА ВАНЧО ПЕТРУШЕВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР„Со Ванчо се знаеме 57 години. Некогаш велам дека со него сум поминал повеќе време одошто со самиот себе. Не морам ни да споменувам какви улоги направивме заедно. Еден ден пак ќе играме заедно“, рече актерот Гоце Тодоровски за неговиот долгодишен колега, најблизок пријател и кумашин Ванчо Петрушевски, кој во саботата загина од струен удар во Орешани (Ѓ. Личовски)

    „Ване велеше дека во тишината и убавината на руралното Орешани го наоѓа својот мир. Таму уживаше во својата пасија-сликарството. И самиот велеше: ‘Знам да станам од сред седенка со пријателите, да појдам до штафелaјот, ќе насликам два-три потези со четката и ќе се вратам на дружењето. Во Орешани и ни замина. Јас знам дека никогаш повеќе нема да отидам таму“, низ плач рече актерот Гоце Тодоровски на комеморацијата за неговиот долгодишен колега, најблизок пријател и кумашин Ванчо Петрушевски, кој на 25 август, на 67 години загина од струен удар во семејната викендица во скопското село.

    Калина Наумовска, Илина Ангеловска, Диме Илиев и Слободан Унковски (Ѓ. Личовски)

    Неговото семејство, колеги од сите генерации, театарски и телевизиски режисери, музичари денеска во солзи ја следеа комеморацијата во Драмски театар, матичната куќа на Петрушевски, каде во богатата кариера од 1975 до пензионирањето во 2017 одигра стотоци улоги. Покрај театарската кариера, сите генерации пораснаа со неговите улоги во „Македонските народни приказни“, ТВ- сериите, ТВ-драм, радиодрамите и филмови како „ Чук-чук Стојанче“ , „Хихирику“, „Солунски патрдии“, „Женски оркестар“, „Трст виа Скопје“.

    Едни од најдолгогодишните соработници на Петрушевски, актерот Благоја Чоревски и режисерот Коле Ангеловски (Ѓ. Личовски)

    Неговата биографија низ солзи ја читаше Тодоровски, говорејќи за улогите, за неговиот талент и мајсторство да одигра и комични и трагични улоги, како што рече, вешто прескокнувајќи ја рампата кон гледалиштето.

    „Со Ванчо се знаеме 57 години. Некогаш велам дека со него сум поминал повеќе време одошто со самиот себе. Не морам ни да споменувам какви улоги направивме заедно. Еден ден пак ќе играме заедно“, рече Тодоровски. Двајцата колеги деновиве требало да ги почнат пробите за претставата по повод пензионирањето на Тодоровски, во режија на Сашо Миленковски.

    Тања Кочовска, в.д. директорот на Драмски Сашо Тасевски и Силвија Стојановска на комеморацијата (Ѓ. Личовски)

    „Ние направивме над 500-600 приказни, ги работевме долги години и уште се репризираат. Станавме познати преку приказните, иако одигравме многу добри театарски улоги. Ване, Ванчо, Иван, беше сестран актер, умешее најразновидни карактери да изигра. Го знам како мајстор со години, нема што не знаеше да поправи или направи. Немам зборови за оваа несреќа“, вели глумецот Кирил Андоновски.

    Актерот Благоја Чоревски вели дека со Петрушевски се познавале над 40 години, уште од студентските денови, а работеле на култните проекти како „Хихирику“, „Балкан бенд“, претстави и филмови.

    „Извонреден пријател и човек. Му благодарам на Бога и на животот што ме споија со него, што можам да се сеќаваме. Кога и јас ќе отидам горе, ќе си направиме ново ‘Театарче лево ќоше”’, рече Чоревски.

    Членовите на семејството на Ванчо Петрушевски (Ѓ. Личовски)

    Петрушевски во богатата кариера ги има добиено наградите „Димче Трајковски“ за епизодна улога на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за ликот на Јаков во претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, најпопуларно ТВ лице според веснокот „Вечер“ за 1987, награда за најдобро актерско остварување на филмот и телевизијата според анкета на ревијата „Екран“, награда на „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во „Собирен центар“ од Ковачевиќ, како и државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста во 2016.

    Неговите посмртни останки се погребани денес на Градските гробишта во Бутел.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира