ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО ПРЕМИЕРА НА „НЕСООДВЕТНО ЗА НА РАБОТА“, ШТО ЈА РЕЖИРА ХОЛИВУДСКИОТ АКТЕР МОФЕТ

    ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО ПРЕМИЕРА НА „НЕСООДВЕТНО ЗА НА РАБОТА“, ШТО ЈА РЕЖИРА ХОЛИВУДСКИОТ АКТЕР МОФЕТНововработените актери во Драмски театар, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ на сцена со Ирена Ристиќ во претставата „Несоодветно за на работа“ (Фото: Драмски театар )

    Драмски театар со претставата „Несоодветно за на работа“ во режија на американскиот актер и професор Доналд Ворен Мофет, вечерва учествува на Охридско лето. Претставата ќе се изведе во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.

    Мофет, кој глумел во филмови како „Украдена убавина“ на Бернардо Бертолучи и „Патот на дрогата“ на Стивен Содерберг, на театарска сцена со Кевин Спејси, во познати ТВ-серии како „Заменети при раѓање“ и „Среќно разведени“, во Скопје го постави текстот на Луси Кирквуд, претставничка на младиот бран драматурзи и драмски писатели од Велика Британија.

    Режисерот Мофет на пробите во Драмски театар (Фото: К. Попов)

    „Оваа драма се занимава со феминистичкиот правец и со проблематиката на демонстрација на моќ која е поврзана со проблемите околу родовите и со објективизација на женското тело. Тоа се две линии кои се доминантни во овој драмски текст“, вели директорката на Драмски, Викторија Рангелова-Петровска.

    Во претставата играат Ирена Ристиќ, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ.

    „Уживав работејќи во Драмски. Тука има одлични актери. На моите пријатели и соработници ќе им пренесам да дојдат во Скопје, затоа што ова поднебје е неоткриено, самиот град е уникатен, не е американизиран, како и останатите делови од Америка и тоа му дава посебен дух“, вели режисерот.

    Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите на Александар Ношпал, а кореографијата на Кренаре Невзати-Кери.

    „Несоодветно за на работа“ ќе има скопска премиера наесен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари