Вечерва во 19 часот во еден од најголемите европски културни центри, престижната галерија Кунстхале Виена, ќе се отвори изложбата на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност (МСУ) од Скопје.
Од МСУ велат дека денеска имале прес-конференција пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми, за отворањето на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“.
Концептот на изложбата, која е резултат на соработката меѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена го претставија директорката на МСУ Мира Гаќина, и една од трите уметнички директорки на Кунстхале, Сабина Саболовиќ.
Кураторки на изложбата се уметничките директорки на Кунстхале, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).
„Ние, како Музеј на современата уметност со нашите колеги од Кунстхале ги вклучивме искреностa и отвореноста во нашиот заеднички изложбен проект, за повторно да изградиме интимна врска со уметниците и да ја реактуелизираме солидарноста, како општествена вредност. Затоа, посветено го препрочитуваме и повторно го толкуваме поимот солидарност во современиот општествен контекст. Овие дела кои ги донесовме во Виена се гест на пријателство и се во духот на негување нови врски со Кунстхале Виена. Досега, уникатната колекција на МСУ e повеќепати промовирана низ светот. Но, соработката со Кунстхале е најкомплексниот проект што досега го имал нашиот музеј. Не само поради тоа што ќе бидат изложени 94 дела од вредната колекција, која брои преку 5.500 дела, туку и поради фактот што делата можат да се погледнат во еден ваков посетен простор, во туристичка Виена, каде годишно поминуваат преку 75.000 илјади посетители, а само за вечерашното отворање се очекуваат повеќе од 1.500 гости.“, рече директорката на МСУ, Мира Гаќина.
Кураторките поканија 6 меѓународни современи уметници: Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и едно уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), кои направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа.
Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан (Виена), направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
По завршувањето на пресот, 6-те современи уметници, вклучени во изложбата, го објаснија пред медиумите својот дијалог со делата од колекцијата на МСУ.
„Насловот на изложбата е тесно поврзан со приказната за тоа како е изградена уметничката колекција на МСУ Скопје. Катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, беше прва човечка катастрофа во тоа време, пренесена преку ТВ приемниците низ светот, која ја разбуди светската солидарност. Загубата на илјадници животи и домови беше емитувана низ целиот свет. Шокантните слики на човечката беспомошност против разорната сила на природата, доведоа до невидено брза, моќна реакција и одговор од светот. Обединетите нации веднаш апелираа за помош на скопјани и меѓудругото, потенцираа дека покрај материјална штета и многуте човечки жртви, важно е да се крене и духот на скопјани“, рече Саболовиќ.
На повикот до светски познатите уметници да донираат дела, меѓу првите се пријави Пикасо, кој донираше дело за МСУ – Скопје, а по него и многу други: Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури… Во знак на солидарност, пристигнуваа вредни подароци во МСУ од целиот свет. Денес, колекцијата е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд.
Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ.
Вечерва пред официјалното отворање на изложбата предавање ќе одржат и архитектите Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски и Владимир Десков.
Б. НЕСТОРОСКА