ВЕНИНОВА ВО СКОПЈЕ И ОХРИД ПОЧНУВА СО СНИМАЊЕ НА ДЕБИ ФИЛМОТ „ПРЕЕКСПОНИРАНО“

    ВЕНИНОВА ВО СКОПЈЕ И ОХРИД ПОЧНУВА СО СНИМАЊЕ НА ДЕБИ ФИЛМОТ „ПРЕЕКСПОНИРАНО“Од подготовките за снимање на современата психолошка драма „Преекспонирано“ на Венинова десно) и тестирањето на техниката. (Фото: М. Спанчевска)

    Режисерката Елеонора Венинова на крајот на неделава во Скопје и во Охрид ќе почне да го снима својот прв долгометражен филм „Преекспонирано“, по нејзино сценарио, во продукција на Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“.

    Кралевски вели дека станува збор за психолошка драма, за проблематична тинејџерка која ги истражува темите на осаменост, отуѓеност и лицемерие, и ја нарушува ја рамнотежата на една брачна двојка откако ќе дојде кај нив на гости.

    „Преекспонирано“ е копродукциски проект кој, освен од Агенцијата за филм, доби поддршка и од Филмскиот центар на Србија и СЕЕ Синема Нетворк, а има поддршката од Еуримаж во делот на развој на копродукции. Филмот доби поддршка на вториот годишен конкурс на Агенцијата во 2018, со 18 милиони денари (292.682 евра).

    „Драго ми е дека успеваме, и во овој период на затишје за македонскиот филм поради пандемијава, да ги направиме финалните подготовки. Имаме одлична екипа, која не само што е професионална туку и строго се придружува на протоколите за заштита и верувам дека ќе се движиме според нашиот план. Локациите се веќе одбрани, а филмот, освен препознатливите пејзажи крај Охридското Езеро, ќе го содржи и урбаниот дел на градот, ова е современа приказна“, вели Кралевски.

    Во филмот ќе играат Сара Климоска, Благој Веселинов, Камка Тоциновски, кинематографер е Лев Предан Коварски од Словенија, сценограф е Срѓан Митровиќ-Џиџи, костимограф е Жаклина Крствка, а маска Горан Игњатовски.

    Изминатиов период филмот учествуваше на повеќе работилници за развој, меѓу кои се и програмата 15 дена на режисерите во Кан, на Сараево филм фестивал и на „Синемед“ во Монпелје.

    Режисерката Венинова има три краткометражни филмови, „Знакот“, „Влакна“ и „Борба за смрт“, како и повеќе серии. „ДНФ филмс“ е продуцент на краткометражните „Борба за смрт“, „Последните камбани“ и „Бале“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари