Високите дипломатски претставници во УНЕСКО Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова ( Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска) денеска во Париз читаа песни од Блаже Конески на своите јазици. Во седиштето на УНЕСКО во Париз се одржа настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Конески. Со настанот се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март.
Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во Календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска рече дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот.
„Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски, туку и на други јазици”, кажа министерка во своето видеовклучување, додавајќи: „Поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава”.
Претседателот Стево Пендаровски исто така преку видеоврска се вклучи на настанот и кажа дека: „Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето. Тој суптилно ни ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата национална култура, туку е со свое значење и за светското поетско и мислечко наследство”.
Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова-Костиглиола.
На настанот настапи и дуото „СолиПсе“, односно македонската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус – „Зајди, зајди“ и Гајдарско оро – во аранжман на Мирослав Тадиќ.
Б. НЕСТОРОСКА