„ВИСТИНАТА“ НА КОРЕ-ЕДА СО ДЕНЕВ И БИНОШ ЌЕ ГО ОТВОРИ 76. ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

    „ВИСТИНАТА“ НА КОРЕ-ЕДА СО ДЕНЕВ И БИНОШ ЌЕ ГО ОТВОРИ 76. ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛЖилиет Бинош и Катрин Денев играат ќерка и мајка, а Итан Хоук е сопруг на Бинош во новиот филм на најпознатиот современ јапонски автор Хироказу Коре-Еда

    Филмот „Вистината“ на јапонскиот режисер Хироказу Коре-Еда ќе го отвори 76. Венециски филмски фестивал. Ова е прв негов филм по Златната палма во 2018 за филмот „Крадци“, како и прв филм кој не е на јапонски јазик.

    Легендадрните француски актерки Катрин Денев и Жилиет Бинош ги играат главните улоги, заедно со Итан Хоук. Денев глуми дива, обожувана од мажи. Кога ќе ја објави автобиографијата, нејзината ќерка која ја игра Бинош се враќа од Њујорк во Париз заедно со сопругот (Хоук) и нејзината ќерка. Но, повторното обединување на мајката и ќерката брзо се влошува и настануваат проблеми.

    „Филмот се снимаше минатата есен во Париз, десет недели. Има престижен кастинг, но филмот сам за себе е мала семејна приказна, која главно се случува во куќа. Се обидов да ги оживеам ликовите од овој мал универзум, со сите нивни лаги, гордост, жалби, тага, радост и признание. Искрено се надевам дека на публиката ќе и се допадне филмот“, изјави Коре-Еда.

    Според директорот на Венцискиот фестивал Алберто Барбера, „средбата помеѓу универзумот на најзначајниот јапонски режисер во моментов и две обожувани и популарни актерки како Катрин Денев и Жилиет Бинош даде поетска рефлексија на врската помеѓу мајка и ќерка и на комплексната професија на актерството. Ќе ни биде задоволство овој филм да има светска премиера во Венеција“.

    Фестивалот ќе се одржува од 28 август до 7 септември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира