ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ СЕ ОТВОРА НОВАТА ПОСТАВКА НА НУМИЗМАТИЧКАТА ЗБИРКА

    ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ СЕ ОТВОРА НОВАТА ПОСТАВКА НА НУМИЗМАТИЧКАТА ЗБИРКАВо новата поставка се изложени околу 2.500 примероци на монети, хронолошки распоредени од 6. век пр.н.е., односно од околу 530 година пр.н.е., па сѐ до 20.век. (Фото: Архелошки музеј)

    Вечерва во 19 часот, во чест на Меѓународниот ден на музеите, во Археолошкиот музеј после седум години се враќа постојаната поставка на Нумизматичката збирка.

    Од Музејот велат дека поставката е сведоштво за економијата, моќта, уметноста и секојдневниот живот низ повеќе од два и пол милениуми. Во новата поставка се изложени околу 2.500 примероци на монети, хронолошки распоредени од 6. век пред нашата ера, односно од околу 530 година пред нашата ера, па сѐ до 20. век.

    „Преку ретки и значајни примероци, посетителите ќе можат да го проследат развојот на ковањето монети, политичките промени и културните влијанија на просторот на Македонија и пошироко“, велат од Археолошкиот музеј.

    Првите пари се викале електрум и се појавиле пред околу 2.600 години во кралство именувано Лидија, кое се наоѓало на брегот на Егејското и Црното Море, во денешна Турција. Парите биле изработувани од злато и сребро и на почетокот на нив немало цртеж, но подоцна на едната страна почнале да се сликаат животни.

    После 100 години, парите се појавиле и на територијата на Македонија, а во тој период тука живееле повеќе племиња, меѓу кои и Пајонците. На почетокот нивните монети биле ковани само од сребро (и од повеќе пајонски племиња и заедници). На парите биле претставени сцени на животни, како говедо, јарец, бик и коњ, потоа квадрат, кантарос (чаша за вино), боговите Аполон, Атена, Дионис и Зевс и јунакот Херакле.

    „Ние сме првите во Европа, покрај територијата на Грција, што сме монетаризирани. Ние имаме непрекината монетаризација 2.600 години. Никој не може да се пофали со тоа што ние го имаме. И така ќе биде, хронолошки ќе тргнеме од тие монети. Од првите монети што се изработени, на пајонските племиња, тие се декадрахми. Тежат по 40 грама и се користеле за плаќање данок на Персија. Не биле за размена. Подоцна доаѓаат помалите монети и први монети за размена и трговија, тие се со многу помала грамажа. Од 40 грама паднале на еден грам. Хронолошки ќе оди од Пајонија, Античка Македонија, Рим, Византија, Србија, Османлиска Империја. Целото монетоковање од 2.600 години ќе биде опфатено во овие витрини. Ќе биде импресивно да се видат поставките“, изјави во февруари за САКАМДАКАЖАМ.МК кустос-советникот за средновековна нумизматика Трајан Зафировски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира