ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР ПРЕТСТАВИ САМО НА МАЛАТА СЦЕНА, ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА ПРОКИСНАТИОТ ПОКРИВ

    ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР ПРЕТСТАВИ САМО НА МАЛАТА СЦЕНА, ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА ПРОКИСНАТИОТ ПОКРИВ„Нема играње со струја и вода“, вели директорката Коцевска откако од врнежите, на 8 октомври повторно протече кровот на Драмски театар, и тоа над сцената, како и во близина на струјните кола во објектот. (Фото: СДК.МК/Драмски театар)

    Во Драмски театар во Скопје претстави ќе може да се играат само на малата сцена, а режисерот Коле Ангеловски ќе продолжи со пробите за новата претстава сѐ додека не заврши привремената санација, откако на 8 октомври прокисна покривот на повеќе места и близу електрични кабли, вели директорката Катарина Коцевска-Хаџи Василева.

    Откако покривот прокисна, директорката нареди од безбедносни причини да се затвори театарот и да се откаже изведбата на претставата „Мојот маж“.

    Последната санација беше во мај 2018, кога по обилните врнежи од дожд, покривот прокапе на повеќе места, меѓу кои и на сцената. Тогаш, Министерството за култура издвои 54.000 евра за санација за кровот.

    Коцевска вели дека откако темелно ја проверила целупната документација и разговарала со тогашниот технички директор, констатирано е дека била заменета целокупната кровна површина на театарот освен страничните ѕидови на кулата, каде се наоѓа сцената. Не тече од страничните ѕидови, но, како што вели директорката, не се знае текот на водата и од каде може да протече, па затоа не сака да ја ризикува безбедноста на објектот.

    Во договорот склучен со фирмата која е изведувач на санацијата на кровот стои гарантен рок од 12 месеци.

    „Драмски театар Скопје ќе се обиде да изврши привремена санација на местата каде што протекува. Сепак, за подолготрајно решение потребен е поголем градежен зафат со целосна реконструкција, а не санација, за што се потребни поголеми финансиски средства. Нема играње со струја и вода“, вели Коцевска.

    Директорката вели дека за време на нејзиниот мандат се јавиле ситни протекувања на некои места, но успевала со средства на театарот да ги санира проблемите. Таа додава дека со средства од Министерството за култура, изминатиов период се реновирани тоалетите наменети за публиката, а уште пред две години се одобрени пари за санација на сцената, но, вели, никако да почнат со реновирањето.

    Драмски театар уште во март 2009, во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот директор Бранко Ѓорчев, го презентираше избраниот проект за идејно решение за изградба на нова театарска зграда. Првата награда ја доби проектот под шифра „Актер“ на „Платформа“ Д.О.О. на авторите-архитекти Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска и соработниците Веле Богоевски и Никола Томевски.

    Според тогашните објави, театарот требаше да биде вклопен во мултифункционален деловен центар, кој ќе биде висок максимум 30 метри.

    „Театарот ќе зафаќа 20 отсто (приземје и два ката) од вкупниот простор на објектот и површина од околу 4.000 квадратни метри. Предвидени се голема и мала сцена, со 350 седишта за гледачи во партер и 150 места во галерија. Драмски театар сега се простира на 1.700 квадратни метри“, презентираше тогаш комисијата на чело со архитектот Мартин Пановски.

    Директорот Ѓорчев тогаш кажа дека за изградбата на новиот објект ќе се бараат средства по моделот јавно-приватно партнерство, зашто не се предвидени буџетски пари.

    „Доколку фазите се реализираат непречено, изградбата би почнала за девет месеци. Општина Карпош направи измена на ДУП-от на Општината, во кој е внесена маркичката за новата зграда“, рече тогаш Ѓорчев.

    По овие најави, во 2014 беше објавено дека планираното здание на местото на постоечкиот театар во скопската населба Карпош 2 ќе го гради приватен инвеститор. Министерството за култура на 16 декември го објави повикот за пронаоѓање компанија со која ќе воспостави договор за јавно-приватно партнерство за изградба на планираниот објект, при што проценетата вредност на градителскиот зафат изнесуваше 369.600.000 денари или 6 милиони евра, без вклучен ДДВ.

    Во 2016, Министерството за култура објави тендер за избор на фирма-изведувач и дека објектот ќе биде само театар.

    „Објектот ќе се изгради со средства од буџетот на Република Македонија и во обем само за потребите на театарот. Новиот театар ќе поседува голема сала со капацитет од 379 седишта и мала сала со капацитет од 82 седишта, распоредени како монтажно гледалиште, други придружни содржини и административно-технички простор. Сценскиот простор ќе биде уреден според светските театарски стандарди и ќе биде опремен со современа сценска технологија. Буџетот е 750.000.000 денари (околу 12 милиони евра), овој проект е предвиден во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, 2017-2020 година“, објави тогаш министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира