ВО ОВОЈ ЦРНО-БЕЛ СВЕТ, ПОТРЕБНА Е СОРАБОТКА МЕЃУ УСТАТА НА РАСКАЖУВАЧОТ И УВОТО НА СЛУШАТЕЛОТ, ВЕЛИ ВЛАДИМИР ЈАНКОВСКИ, ЛАУРЕАТ НА РОМАН НА ГОДИНАТА

    ВО ОВОЈ ЦРНО-БЕЛ СВЕТ, ПОТРЕБНА Е СОРАБОТКА МЕЃУ УСТАТА НА РАСКАЖУВАЧОТ И УВОТО НА СЛУШАТЕЛОТ, ВЕЛИ ВЛАДИМИР ЈАНКОВСКИ, ЛАУРЕАТ НА РОМАН НА ГОДИНАТАВладимир Јанковски со Ѕвездан Георгиевски на доделувањето на наградата. (Фото: Фондација „Славко Јаневски“)

    „За литературата да преживее таа мора да биде она што многу денешни работи не се. Затоа, во овој миг за литературата ја избирам нејзината тивкост наспроти гласноста. Ја избирам нејзината бавност наспроти брзината“, рече писателот Владимир Јанковски на синоќешното доделување на наградата Роман на годината за 2020 од Фондацијата „Славко Јаневски“.

    Јанковски е награден за романот „Скриени желби, немирни патувања“. Наградата се доделува по 22. пат, а издавач на наградениот роман е „Антолог“ од Скопје. За лауреатот во март годинава одлучи жири-комисијата во состав Оливера Николова (претседателка и лански лауреат), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на фондацијата Катерина Богоева.

    „Денес, илјадници години по појавување на првите раскажувачи на приказни се чини дека многу малку нешта се промениле кога станува збор за потребата на човекот да ја раскаже приказната за себеси, за другите, за светот што го опкружува. А приказните се насекаде околу нас. Приказната е кристализирана смисла која подразбира најмалку двајца. Таа зборува за нас и истовремено е допир за другиот. Таа го исполнува просторот меѓу нас и другиот. Без разлика дали одговараме на конкретното прашање ‘А која е твојата приказна’ или раскажуваме за нешто што сме го направиле пред 30 години или ќе направиме по 3 дена, ние на другиот му ја раскажуваме сопствената приказната. Своето јас го компримираме во целина од време, простор и живот, и така, барем за миг, се претвораме во траење“, рече Јанковски.

    „Приказната е кристализирана смисла која подразбира најмалку двајца. Таа зборува за нас и истовремено е допир за другиот“, рече Јанковски на свеченоста на платото пред МКЦ. (Фото: Фондација „Славко Јаневски“)

    Лауретот продоложи дека за  него литературата отсекогаш  размислувал како за интензивен живот. Како за еден вид зумирање на животот. Поставување на животот под големата лупа на љубопитноста. Гледање во него со ширум отворени очи, па тој пред погледот се зголемува, потенцира, истакнува .

    „Во овој наш свет ни е потребна соработката меѓу устата на раскажувачот и увото на слушателот. Зашто во времето во кое сè повеќе зборуваме за да се слушнеме себеси, а не другиот, во времето во кое сè повеќе слушаме за да го чуеме она што ние сакаме да го слушнеме, а не она што ни е соопштено, приказните на другите луѓе од различните точки на светот ни се потребни за во нив да ги видиме нијансата и детаљот. Наспроти разурнувачката моќ на унификацијата. Во светот толку лесно поделен на црно-бели бои, кога за сенешто си мислиме дека е јасно, очигледно, цврсто, литературата може да биде лек против обопштувањето, мек и бавен отпор конпоедноставувањето на егзистенцијата“, рече Јанковски.

    Годинава конкурираа 40 романи, а во најтесниот круг беа и „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или-или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

    Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјади денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира