Околу 20-30 луѓе во период од 6-7 години не се имаат појавено на работа во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а земале редовно плата. Сите биле уредно регистрирани во системот за евиденција на работа, за што им плаќале на одредени колеги по 200 евра. Вработени во Институтот, освен редовната плата, земале и пари преку договор за дело, за извршување на работи како полевање на двор, рече денеска директорката на Институтот, д-р Марија Андоновска.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) вчера објави извештај за работата на Институтот за 2024, кога директор беше д-р Шабан Мемети. „Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“, стои меѓудругото во извештајот на ревизорите.
„Пред самото мое доаѓање тука во овој институт, уште од самиот почеток почнавме да увидуваме низа неправилности коишто се случувале во Институтот. Ревизија не е направена од 2017. Во јануари 2025 информирани се надлежните институции, Биро за јавна безбедност – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, за корупција и беа подигнати оттука околу дваесетина класери на материјал којшто понатака нели треба да биде проследен до Јавното обвинителство. И искрено јас, како што кажав, дел од работите веќе се јавно изнесени, очекував дека барем до сега нешто ќе се случи или Јавното обвинителство ќе ги слушне овие работи, ќе почне некаква постапка, но еве да се надеваме дека кога го имаме и формално-правно извештајот од Државен завод за ревизија, можеби сега одзве на сето ова Јавното обвинителство“, рече на почетокот на прес-конференцијата.
Андоновска затекнала вработени лица, и тоа повеќе, без да полагаат административен испит. Додека некои ги почитувале процедурите и полагале, некои биле вработени заобиколувајќи ги сите можни процедури, па дури и да не полагаат административен испит. Истите овие лица се отстранети од работа. Затекнале и унапредување без постапки, без финансиски согласности.
Дел од тие што ги откуцувале картичките на колегите сами признале. На новинарски прашање каде се сега тие вработени, таа рече дека треба некој друг да ги казни и да го испита сето ова.
„Знаете како дојдовме до таа ситуација? Јас кога дојдов, еве ќе бидам побрутално искрена, одев по канцеларии и ги прашував: ‘Извинете, вие што работите, како јас можам да ви помогнам, да ве мотивирам, еве во иднина што би можеле подобро да сработиме, како вие како работник би биле помотивирани да работиме?’ И тој вели: ‘Па не знам.’ ‘Кажете ми, еве ако не ви текнува сега, можете да ми соопштите. Баш ме интересира која е вашата дневна обврска. Еве денеска што завршивте од работите?’ После моите инсистирања, ми викаат: ‘Знаете како, па јас не доаѓам баш на работа’. Најголем дел таквите си заминаа сами, бидејќи тие практично си имале и други работни обврски и самите си заминаа“, кажа таа.
Директорката рече и дека се случувало еден архивар овде да земе и по 98.000 плата, основната плата. Но, освен платата да добие и одредени други надоместоци.
„Сега го спомнав архиварот, но тука биле многу профили вклучени. Спомнав само еден колку земал, споредбено еден архивар во оваа институција. Дополнително на тоа, добивал пасивна и активна приправност, многумина добивале активна и пасивна приправност. Што значи тоа? Според законот, во здравствените институции, меѓу кои и оваа како Институт за јавно здравје којашто врши дијагностика, некогаш не може операција да се направи без да провериме дали брис од површини, брис од рани и слично. Секогаш треба да има приправни луѓе, па се случува, нели, некоја епидемија и слично, но таа приправност по закон следува само за медицинскиот персонал. Не следува на административците. Е овде, и административците, вклучително и директорот, земал приправности. Споредбено, тоа значи како плата до плата и пол на оваа голема плата што веќе ја земал, тоа е околу 150 илјади денари“, кажа таа.
Имало и 20-тина редовно вработени лица, кои секој месец склучувале договори за делa, а образложенијата биле дека дополнителните пари се за обврски како: за поливање со црево, за чистење на дворот, за архивска граѓа. Сумата којашто ја имаат овие лица земано е од 44 до 88 илјади денари месечно, дополнително на платата. Се исплаќале и награди, но не бил испочитуван принципот и законскиот основ за давање на плати, така да имало награди од 400-500 евра месечно со образложение „за домаќинско работење“ или „извонредна успешност“, без некакво посебно образложение.
„Кога ќе ги соберете сите овие издатоци, доаѓа дека месечно, споредбено со сега, пазете, имало нерегулирани коефициенти, кодови на вработени и така натаму и така натаму, коишто сега морам да кажам дека ова уште од првите месеци е сè санкционирано согласно важечките и активните закони, според Статутот, според Колективниот договор, вратени се коефициентите, избришани се овие работи, не се употребуваат веќе на на овој начин и заштедите се околу 5-6 минимум милиони денари месечно. Тоа е едно возило за итна медицинска помош“, кажа директорката.
Во однос на картичките за бензин, таа рече дека Институтот располага со возила кои што служат за пренесување на некоја екипа што треба да земе одреден материјал за испитување, да направи систематски преглед, санитарен преглед, да земе од некаде мостра и слично. Откриле картички за точење на гориво коишто биле издадени на лица коишто не работат во оваа институција. И месечно било трошено по 150 илјади за бензин од сите возила со коишто располагале.
„За да направам споредба, сега, во овој период, со зголемен, значително зголемен обем на работа, со проширени услуги, месечно се троши и тоа повеќе коли ставени во функција се троши од 19 илјади денари до 50 илјади. Што значи трипати повеќе се трошело со многу помалку работа, и тоа издадени картички на луѓе коишто ниту работеле во овој интитут нити ги знаеме. Тоа веќе треба некој друг да истражи“, кажа таа.
Исто така, се издавал простор во сопственост на ИЈЗ на една позната пекара во кругот на Клиничкиот центар. Законски не постои основ за издавање на и користење на дополнителни простории комерцијално. Ако има дополнителни простории Институтот, не смее да ги издава за комерцијални цели и може да ги користи само за некакви услуги поврзани со здравството. Утврдиле дека оваа бурекџилница имала договор до 2013. После 2013 немала никаков договор, туку си плаќала сума од 200 или 250 евра на Институтот.
„Постапено е по ова, сега истите не го користат тој објект. Не можам да кажам го прекинавме договорот зошто немаше договор, не можевме ни да го прекинеме, туку едноставно постапивме и реагиравме за да бидат отстранети, да го напуштат просторот којшто незаконски го користеле со години. За жал, најдовме и многу луѓе коишто биле со несоодветно образование на многу важни позиции, вклучително и, еве како пример да набројам, дека фармацевтски техничар извршувал услуги што треба да ги извршува медицинска сестра или лаборант, земал биолошки материјал. Таа личност не е квалификувана, а некој доаѓал тука, што значи здравствените услуги биле ставени под знак прашалник и несоодветни луѓе извршувале работи што не треба да ги извршуваат, т. е. практично немаат такво образование да ги извршуваат. И истите се отстранети од позициите или прераспределени на соодветни работни места, бидејќи е навистина фрапантно вакво нешто да се случува“, додаде таа.
Меѓу останатите неправилности кои ги утврдиле е дека во време на епидемија на голема кашлица во Скопје и Куманово, во Институтот фалеле реагенси, а за оние што постоеле, нема никаква евиденција за нив. Биле ставени во фрижидери и во комори коишто биле по ходници, необезбедени онака како што налагаат протоколите, со одредени клучеви, со надзор, со протоколи. Сега тоа е све уредено, додаде таа.
„МВР не поднело кривична пријава до Обвинителството, а ДЗР не го доставил до обвинителството извештајот за ИЈЗ“, ни рекоа од Основното јавно обвинителство.
Б. НЕСТОРОСКА



