„Во својот дебитантски роман, македонската писателка Румена Бужаровска нуди нефилтриран поглед на машката просечност“, се вели во рецензијата за романот „Тони“ во угледниот француски весник „Монд“. Романот на Бужаровска го издаде прочуената француска издавачка куќа „Галимар“.
„Со тоа што на својот роман му го дава само името на овој беден егоцентрик, Румена Бужаровска иронично го потсетува дека привилегијата да биде главен лик не му припаѓа поради неговиот статус на херој, туку поради осаменоста на која неизбежно му е предодредена…Во ‘Тони’ повторно доаѓа до израз нејзиниот лесен, но немилосрден стил, како и нејзиниот остар, понекогаш ироничен хумор, насочен кон привилегиите што просечните мажи си ги присвојуваат само затоа што се мажи“, вели рецензијата.
Романот е во превод на Клое Бијон, а по збирките раскази „Мојот маж“ (2022) и „Не одам никаде“ (2025), ова е трето дело на Бужаровска што е објавено од „Галимар“, издавач што постои 114 години. Радиото „Франс култур“ ја нарече Бужаровска писателка која ги „крши сите табуа со беспоштеден хумор“.
Годинава „Тони“ беше преведен и објавен и на шпански јазик од издавачката куќа „Едиторијал импедимента“ од Мадрид. Во рецензиите на шпанската критика, меѓудругото, се вели дека Бужаровска претставува искривено огледало и за мажите и за жените, а книжевниот лик Тони се споредува со Хамберт Хамберт во „Лолита“, со Том Рипли од Патриша Хајсмит и со Патрик Бејтман од „Американски психопат“.



