ВОДИЧ ЗА КУЛТУРНАТА ПРОГРАМА ЗА 60-ГОДИШНИНАТА ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС

    ВОДИЧ ЗА КУЛТУРНАТА ПРОГРАМА ЗА 60-ГОДИШНИНАТА ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕСНа 26 јули во 5.17 часот Скопје било разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала. (Архивска фотографија)

    „Скопје во пет и седумнаесет“ е насловен дводневниот проект на Министерството за култура и Владата во чест на 60 години од катастрофалниот земјотрес, а настани ќе има низ цел град.

    • Официјалната програма на „Скопје во пет и седумнаесет“ започнува со концерт на евергрини на 25 јули (вторник), од 21 часот, во паркот „Ибни Пајко“, на кој ќе настапат: Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Светлана Јовановска и Џон Илија Апелгрин.
    • Во Музејот на современата уметност (МСУ) на 26 јули (среда) ќе биде отворена дигиталната изложба на Државниот архив „Подемот и падот на Скопје“, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 50-тите години на 20. век. Видеоматеријалот содржи над 300 фотографии и документи за денот на земјотресот и за сите случувања до крајот на годината – доаѓањето на армијата, обновата на градот со донации од југословенските републики и од целиот свет, деновите на солидарноста и сите официјални посети на државни претставници. В среда во МСУ изложбата ќе биде отворена од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.
    • Во Кинотеката, на 26 јули, во 18 часот ќе има проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“, а во 20 часот ќе има премиерна проекција на дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли.

      „Мементо“ од 1967 е филм за Вили Милер, германски диригент на пропатување низ Македонија, и Јана, млада девојка студентка, кои се запознаваат еден ден пред земјотресот во Скопје во 1963 година. (Фото: Кинотека)

       

    • Вечерта на 26 јули, со почеток во 20 часот, во Шалтер салата на Пошта и на зградата на Телекомуникацискиот центар, креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопското кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање. Истиот ден, дел од видеоинсертите од филмски журнали на „Филмски новости“ ќе одат и на видеоѕидот на Плоштадот Македонија. Филмовите ќе имаат проекција и на видеоѕидот кај Националната опера и балет (НОБ) во 20 часот, а во трговскиот центар „Ист гејт“ во текот на целиот ден. Видеоинсертите ќе бидат прикажани и во МСУ.
    • На 26 јули во Музејот на Град Скопје, кој претставува еден од највпечатливите потсетници за скопскиот земјотрес, ќе се одржи мултимедијалниот настан на Терапија –„Зборувај за Скопје“, кој содржи: ликовни изложби, проекции на филмови, визуелна уметност и музичка програма, клупска музика, настан за урбаното и модерно Скопје. Изложбата ќе биде отворена на 26, 27 и 28 јули.
    • Во организација на Музејот, е подготвена изложбата „Скопје- Градот феникс“, а авторка е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот. Изложбата ја раскажува приказната за катастрофалниот земјотрес во Скопје. Животот во градот непосредно по земјотресот и сето она што ќе следи во првите месеци по катастрофата, е раскажано на паноата и преку изложените музејски предмети и материјали.  Посебен дел е посветен на меѓународната манифестација „Средба на солидарноста“, еден исклучително значаен настан за градот Скопје во 1960-те години на 20. век. Застапени се и бројните меѓународни спортски настани одржани во знакот на солидарноста, во периодот по 1963 до 1981 година. Во соработка со Сеизмолошката псерваторија при Природноматематичкиот факултет, е подготвено сеизмолошко катче. Изложбата ќе се отвори во 20 часот. Ќе биде поставена до август.
    • Фотографската изложба на Сашо Димоски, насловена „Станица Скопје ’63“ ќе биде поставена во изложбениот простор на Културно информативниот центар, на 26 јули во 21 часот. Изложбата се состои од триесетина црно-бели фотографии на објекти (или простори), лесно препознатливи и парадигматски за денешно Скопје.
    • Од изложбата на Сашо Димоски

    • Во организација на Црвен крст, на 26 јули на Плоштадот Филип Втори, од 18 часот ќе има неколку активности како цртање на мурал, интерактивна обука за справување со катастрофи, иницијатива за пишување на писма и телеграми, изложба на капацитетите на нашето Национално друштво и дружење со вработените и волонтерите на Црвениот крст. Во просториите на Даре Џамбаз – Центар за дарување крв во среда на 26 јули, ќе има крводартителска акција од 9 до 17 часот.
    • Во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе има изложби, работилници и концерти. Музичката програма почнува од 21 часот во паркот зад МКЦ. Ќе настапат „Педро хоризонте“, „Луфтанза“ и „Балчава“, кои ќе го промовираат албумот „За Скопје со љубов“.

    На 26 јули во 5.17 часот Скопје било разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала, односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Под урнатините загинаа 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Во земјотресот беше разурната тогашната железничка станица, а денеска Музеј на град Скопје, а стрелките застанаа и оттогаш го покажуваат времето кога ќе се случила катастрофата, 5 часот и 17 минути.

    Веднаш по земјотресот со помош на 87 земји се расчистуваа урнатините од земјотресот и Скопје почна да се гради повторно според проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира