После 14 години, добитници на првата награда на Меѓународниот стрип салон кој се одржува во Велес се македонски автори. Наградата од 300 евра, ја освоија Војдан Андонов (сценарио) од Скопје и Цанко Стефанов (цртеж) од Демир Капија за стрипот „Револвер“. Втората награда ја освои стрипот „Вера, невера“ на група автори од Србија и третата награда „Коцкање со животот“ на авторите Никола Видаковиќ (сценарио) и Драган Павасовиќ (цртеж) од Србија.
„Од 19 години работам на стрип, сега имам 28. Стрипот кај нас е фамилијарна работа, јас сум наследник, дедо ми, татко ми , чичко ми сите се големи стрип љубеници, имам колекција стрипови и беше лесно да се внесам во овие води. Приказната во наградениот стрип е за првиот револвер во Европа“, кажа Стефанов, кој заедно со Војдан Андонов се членови на стрип студиото „Парагонс“ од Скопје.
„Ние сме десет членови на ова студио за стрип кое постои година и половина, осуммина се уметници, цртачи и двајца се сценаристи. Ова го работиме со голема жар, со голема љубов кон уметноста, кон стрипот. Подготуваме нови работи, кои искрено се надеваме дека ќе ѝ се допаднат на македонската публика“, изјави Андонов.
На годинашниот 21. по ред меѓународен стрип салон „Велес 2024“ стигнале 351 стрип, што според организаторот е меѓу рекордните бројки пристигнати стрипови на досегашните изданија, стрип дела изработени од автори од 17 држави.
„Меѓу пристигнатите дела имаме безмалку 200 стрипови од македонски автори, што е импозантна бројка. Тоа говори за еден жив, неверојатно голем интерес за стрип културата во Македонија. Воочивме како жири дека дел од авторските трудовите се дела на млади стрип ентузијасти, вљубеници во сликовното приповедање, кои допрва почнуваат да ги откриваат тајните на стрипот. Друг дел се дела на веќе афирмирани професионалци, афирмирани мајстори на стриповскиот јазик, кои работат за познати светки стрип издавачки куќи. Радува бројноста на делата од македонските автори, уметници и илустратори, што говори дека стрипот во оваа нова визуелна ера која ја живееме, за младите стрипот не е уметност од маргините, туку станува платформа, модел за комуникација. Тоа може да нѐ радува, дека стрипот се враќа како деветта уметност во земјава“ , рече д-р Бошко Караџов, член на жирито, во кое беа Ване Трајков и Горан Мазнев.
Меѓународниот стрип салон во Велес финансиски е поддржан од Министерството за култура и од Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ