ВОЛШЕБНИОТ СВЕТ НА ДИМИТАР КОНДОВСКИ ПРЕКУ 200 ИЛУСТРАЦИИ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ В СРЕДА ВО МАЛА СТАНИЦА

    ВОЛШЕБНИОТ СВЕТ НА ДИМИТАР КОНДОВСКИ ПРЕКУ 200 ИЛУСТРАЦИИ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ В СРЕДА ВО МАЛА СТАНИЦАКондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство, великан на македонската илустрација. (Фото: К. Попов)

    Илустрациите на книгите како „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“, се дел од 200-те илустрации од големиот ликовен уметник Димитар Кондовски (1927-1993), еден од доајените на македонското сликарство, кои ќе бидат изложени в среда во Мала станица, на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера.

    Со својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство.

    Околу 200 илустрации ќе бидат изложени до 1 ноември (Фото: К. Попов)

    Софија Семенпеева, директорка на агенцијата „Ефектива“ и организатор на фестивалот и уметникот Урош Вељковиќ кои ја подготвуваат поставката, велат дека опусот на илустрации на Кондовски е навистина огромен и со оглед на тоа што се работи за прва ретроспективна изложба на овој голем уметник, нивна цел е да се изложат што е можно повеќе дела.

    „Се разбира, навистина е тешко да се стокми во една изложбена галерија нешто што е создавано со децении, особено имајќи предвид дека Кондовски е еден од најплодните домашни илустратори. Благодарение на неговото семејство, имавме навистина голем избор дела, од кои избравме околу 200 кои ќе бидат изложени до 1 ноември“, вели Семенпеева.

    Софија Семенпеева и Урош Вељковиќ деновиве ја подготвуваат изложбата во Мала станица. (Фото: Фестивал Литера)

    Илустрациите потекнуваат од различни периоди и од различни фази од творештвото на Кондовски, па така посетителите ќе имаат можност да прошетаат“ низ она што го тој го создавал во текот на неколку децении, почнувајќи 1950-те па сѐ до 1980-те години на минатиот век.

    Вељковиќ вели дека селекцијата на делата било возбудливо инспиративно доживување за тимот на Литера. „Се чувствувавме како да имаме времеплов и да патуваме низ времето. Всушност, токму тоа е најголемата вредност на оваа изложба. Различни генерации луѓе ќе можат да се навратат во минатото и да уживаат во илустрациите со кои растеле“, велат тие.

    Илустрациите потекнуваат од различни периоди и од различни фази од творештвото на Кондовски, почнувајќи 1950-те па сѐ до 1980-те години на минатиот век. (Фото: К. Попов)

    „Во однос на насловите, она што е најпрепознатливо, барем за мојата генерација е ликот на Зоки Поки. Кондовски има илустрирано низа класици на домашната и странската литература како ‘ Алиса во земјата на чудата’, ‘Колибата на чичо Том’, ‘Белото циганче’. Изложбата е едно убаво временско патување и потсетување за еден исклучително важен дел од македонското културно наследство и богатство. Мое лично мислење е дека ова творештво мора да го негуваме на институционално ниво, бидејќи значењето на илустрациите е огромно за денешните, но и за идните генерации“, рече Вељковиќ, а Семенпеева додава: „Замислете, колку би било убаво кога ‘волшебниот свет“ на Кондовски би бил лесно достапен за идните уметници кои сега се средно училиште или дури и помали. За дечињата кои ги привлекува магијата на ликовната уметност. Затоа сметам дека неговото творештво денеска не е важно само од уметнички аспект, туку и во едукативна смисла. Сите може да учиме од маестралниот начин на кој Кондовски успева со една илустрација од насловната страница да ја долови приказната раскажана на сто, двесте или повеќе страници“.

    Изложбата е дел на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера (Фото: К. Попов)

    За време на фестивалот, кој ќе се одржува на повеќе локации до 19 октомври, ќе има работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат и да ги запознаат и истражуваат делата на Кондовски. Тие ќе креираат и свои приказни, инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира