Уште не се готови просториите доделени на Националниот џез-оркестар, кои ги доби како траен дом од Владата, иако беше најавено дека бидат завршени до крајот на мај или јуни. Реконструкцијата на просторот под Националната опера и балет (НОБ) на 14 март беше најавена од тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Од кабинетот на министерот за култура Зоран Љутков, кој е на функцијата од 24 јуни, ни рекоа дека предвидените работи за прва фаза согласно договорот се целосно реализирани.
„Предвидените позиции за реализација од првата фаза од проектот (фаза архитектура, машинство, електрика и водовод и канализација) се изведени квалитетно и во согласност со основниот проект и предмерот утврден помеѓу ТАВ ТЕПЕ АКФЕН и Министерството за култура. За првата фаза од изведбата извршен е технички прием и периодично испитување на инсталацијата од страна инспекциско тело и доставен е стручен извештај“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека за целосно завршување на проектот потребно е да се изведат завршни градежно-занаетчиски работи (дрвен под, акустични ѕидни облоги, опремување на просторот со мебел и опрема како и санација на платото на објектот).
„За комплетирање на просторот наменет за потребите на Џез-оркестарот, Министерството за култура и туризам во ребалансот на буџетот предвиде дополнителни средства за целосна реализација на проектот и пуштање на објектот во употреба“, вели Министерството.
Станува збор за простор од околу 500 квадратни метри, каде ќе има простории за работа на оркестарот, простории за проби, магацин за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија.
Проектот е вреден 10 милиони денари (над 160.000 евра).
Б. НЕСТОРОСКА