Политичкиот трилер „Паразит“ на Бонг Јон-Хо од Јужна Кореја ја доби Златната палма на 72. издание на Канскиот филмски фестивал, што заврши вечерва. Победникот важеше за еден од фаворитите, заедно со Квентин Тарантино и Педро Алмодовар.
Ова е втора година по ред да победува азиски филм, откако лани Златната палма ја освои „Крадци“ на јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда. „Паразит“ се споредува со „Крадци“, бидејќи дава мрачна паралела со несреќното семејство кое е во центарот на филмот на Коре-еда.
Гран при наградата ја доби „Атлантик“ на Мати Диоп од Сенегал, прва црномуреста режисерка во трка за Златна палма.
Едни од омилените автори на Кан, браќата Жан-Пјер и Лик Дарден кои двапати добиле Златна палма, ја добија наградата за најдобра режија за филмот „Младиот Ахмед“, најдобар актер е Антонио Бандерас за улогата во „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, а најдобра актерка е Емили Бичам за „Мал Џо“ на Џесика Хауснер.
Во говорот при врачувањето на наградата, Бандерас се осврна на 40-годишниот пат за ова признание, и му ја посвети наградата на Алмодовар.
„Луѓето мислат дека ние живееме на црвен килим, но тоа не е точно. Ние многу страдаме, се жртвуваме, и има многу болка зад секој актер. Но, исто така има и слава, а ова е мојата ноќ на слава. Најдоброто допрва доаѓа“, рече Бандерас.
За наградите одлучуваше жирито на чело со оскаровецот Алехандро Ињариту и членовите Робин Компилјо, Кели Рајхард, Павел Павликовски, Маимоуна Н’Диаје, Ел Фенинг, Алис Рохрвахер, Енки Билал и Јоргос Лантимос.
На фестивалот во конкуренцијата за Златна палма беа и новиот филм на Тарантино, „Беше еднаш во Холивуд“, биографскиот филм за Елтон Џон „Рокетмен“ во режија на Декстер Флечер, Теренс Малик („Скриен живот“), Педро Алмодовар („Болка и слава“), Кен Лоуч („Извинете што ве промашивме“), браќата Дарден („Младиот Ахмед“ и Марко Белокио („Предавник“), канадскиот режисер Ксавиер Долан со „Матијас и Максим“, французинот Арно Деплешан со „О, милост!“ и Романецот Корнелиу Порумбоју со „Свиркачите“.
Во програмата 15 дена на авторите популарна како Кензен, се прикажа краткиот филм „Знакот“ на македонската режисерка Елеонора Венинова, кој е дел од балкански омнибус со 5 кусометражни филмови.