„Еуролинк осигурување“ во саботата организираше еднодневна посета на Крушево, како дел од програмата „Мапа на културата“, на која дојдоа 150 учесници.
Прошетката почна од споменичкиот комплекс Македониум, кој е изграден на 1320 метри надморска височина. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи и витражи, а во објектот се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската република.
Оттаму учесниците го посетија гробот на Тоше Проески, и продолжија низ старото градско јадро, преку тесните и кривулести улички до Крушевската чаршија каде се наоѓа црквата „Св. Никола“ изградена во средината на 19. век која импресионира со својата архитектура.
Внатрешноста на црквата изобилува со икони и фрески, а особено уникатен е иконостасот кој е дело на познатите копаничари Петре Гарката и Димитар Станишев. Групата ја посети и црквата „Св. Јован“ која меѓу народот е позната и како Влашка црква, како и галеријата на Никола Мартиноски, еден од најистакнатите личности во македонската уметност и култура на 20. век.
Активноста е дел од платформата за Корпоративна општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“.