АЕРОДРОМОТ „ТЕГЕЛ“ СЕ ЗАТВОРА УТРЕ ПО 72 ГОДИНИ – СО ПРВИОТ ЛЕТ БИЛЕ ДОНЕСЕНИ ОСУМ ТОНИ КАШКАВАЛ ВО БЛОКИРАНИОТ ЗАПАДЕН БЕРЛИН

    АЕРОДРОМОТ „ТЕГЕЛ“ СЕ ЗАТВОРА УТРЕ ПО 72 ГОДИНИ – СО ПРВИОТ ЛЕТ БИЛЕ ДОНЕСЕНИ ОСУМ ТОНИ КАШКАВАЛ ВО БЛОКИРАНИОТ ЗАПАДЕН БЕРЛИН„Тегел“ бил дизајниран да прима два милиона патници годишно, но тоа со тек на време порасна на повеќе од 20 милиони (Фото: Гети)

    Здодевен и застарен, но омилен поради своите практичност и необичен шестоаголен дизајн, берлинскиот аеродром „Тегел“ утре ги затвора своите врати по повеќе од 70 години во функција.

    „Тегел“ заминува во историја откако минатата недела конечно беше пуштен во употреба новиот аеродром „Вили Брант“, чија изградба беше оптоварена со проблеми и скандали, а отворањето се одложуваше неколку пати. Рокот за изградба на крајот беше натфрлен за цели девет години.

    За разлика од новиот аеродром, „Тегел“ бил изграден во 1948 година за само 90 дена, за да се овозможи достава на намирници во екот на советската блокада на Западен Берлин. Во изградбата учествувале 19.000 работници.

    Аеродромот бил изграден за само 90 дена и во тоа време ја имал најдолгата писта во Европа (Фото: ДПА)

    Бидејќи главниот аеродром во Берлин „Темпелхоф“ не бил доволно голем за да прима одредени авиони, „Тегел“ доби писта од 2.428 метри, најдолга во Европа во тоа време. Првиот авион слетал на 5 ноември со товар од осум тони кашкавал.

    Прославениот шестоаголен бетонски терминал е изграден во 1960-ите и благодарение на својот раст, „Тегел“ во 1975 година го замени „Темпелхоф“ како главен берлински аеродром. До 1990, само британски, француски и американски авиокомпании смееја редовно да летаат до Западен Берлин.

    „Тегел“ бил дизајниран да прима два милиона патници годишно, но тоа со тек на време порасна на повеќе од 20 милиони, што го направи пренатрупан и застарен, а особено беше озлогласен по ужасните тоалети.

    Последниот авион што ќе полета од „Тегел“ ќе биде летот на „Ер Франс“ за Париз од 15 часот. Тоа ќе се случи осум години откако оригинално требаше да биде затворен. Просторот на „Тегел“, кој се наоѓа на 30 минути возење до центарот на Берлин, ќе биде претворен во станбен комплекс за повеќе од 10.000 жители.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира