„Замина со нашата животна максима: ‘Брат, ако имавме што да делиме од нашите родители, ќе се скаравме околу тоа кој да го земе помалиот дел’“, вели Ѓорѓи Гиров, брат на легендарниот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов, кој почина 25 јануари на 86 години. Гиров, кој живее во Штип, е 4 години помлад од Џамбазов.
„Нашиот татко Методи заедно со нашата мајка Цветанка во 1930 година се преселиле најпрвин во Ниш, а потоа во селото Стапар во близина на Сомбор и границата со Унгарија. По шест години се раѓа брат ми Ацо. Пред Втората светска војна нашите родители се враќаат во Македонија и се преселуваат во Кочани. Во овој град јас сум се родил 1940 година, ама веднаш потоа сме се преселиле во Штип, каде татко ни станува учител по математика, свирел и на мандолина и на ќемане, а мајка ми со веќе изучен шнајдерски занает шиела за повеќе жени во Штип. Редовна посетителка била и Нада, сопругата на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров“, вели Гиров.
Тој вели дека пред војната, во српско, нивното презиме било Николиќ, но кога се вратиле во Македонија со оглед на новите општествени промени во тоа време, презимето е Николови. Во 1943, родителите се развеле. Судот донел одлука помладиот брат Ѓорѓи да припадне на мајката Цветанка, а постариот Александар на таткото Методи.
„Досега сите прашуваат како тоа двајца браќа од иста мајка и ист татко да имаат различни презимиња. Разводот на нашите родители придонел подоцна брат ми Ацо да го добие презимето Џамбазов, по името на прадедо ми од татко Сане Џамбаз, а јас презимето Гиров по името на дедо Гиро од мајка ми“, вели Гиров.
„Разделбата направи бате Ацо скришум да доаѓа во моето маало кај црквата ‘Св. Никола’ да си играме по цел ден, а приквечерина да оди во неговиот дом во близина на сегашниот театар во Штип. Тој почна да го посетува и музичкото училиште во Штип, каде раководител беше Сергеј Михајлов кој му беше идол. Сергеј воопшто не го сакаше џезот, но брат ми беше сестран. Свиреше класична музика на виолина, но имаше мала склоност и кон џез тактовите кои за тогашните музичари беа непоимливи“, вели Гиров.
За диригентот Сергеј Михајлов, основоположниклот на музичката култура во Штип кој во 1925 ја поставил и првата опера во Македонија, „Палјачи“, Александар Џамбазов бил еден од најнадарените млади музичари. По неговите музички стапки уште како ученик тргнал и Ѓорѓи, кој напоредно со гимназија посетувал и нижо музичко училиште.
„Се сеќавам кога во музичкото школо го имав завршниот испит, исто така на виолина. Во комисија беа познатите музиколози, Стефан Гајдов и Живко Фирфов. Кога го поминав испитот, Сергеј Михајлов тогаш на комисијата ѝ откри дека јас сум брат на веќе познатиот млад музичар Александар Џамбазов кој тогаш имаше 19 години, а за него нагласи дека тој е нашиот Бојан Адамич, уште во тоа време познат композитор од Љубљана“, вели Гиров.
„Ацо беше добар, чесен и мошне интелигентен човек. Имаше контакти со познати и врвни личности и од музиката и од политиката, но истовремено беше и народен човек. Честопати одеше на Зелено пазарче, каде луѓето му викаа ‘Повели маестро, за вас ги имаме најдобрите производи’. Таму сите го сакаа и го почитуваа“, вели Гиров.
Во семејната архива на Гиров е и едно писмо што Џамбазов го објавил во весник во мај 1986, како благодарност за чесните наоѓачи на неговите изгубени документи – на пат за гостување во Штип со Танцовиот оркестар на МТВ, Џамбазов ја заборавил јакната со сите лични документи и со пари кај чешмата во Сарамзалино, но ја нашле двајца работници во Земјоделско индустрискиот комбинат „Кочанско Поле“ и му ја вратиле.
За внукот Игор Џамбазов вели дека уште кога го снимал „Волшебното самарче“, секое лето доаѓал на гости во Штип. И подоцна доаѓале редовно со Ацо и многу им биле интересни средбите во штипско Ново Село и во новоселскиот клуб, неговите посети на тогашното Радио Штип каде еднаш Игор беше спортски коментатор на фудбалски натпревар од Велес меѓу Борец и Брегалница.
„Кога бате Ацо одеше на одмор во Охрид и ги подготвуваше фестивалите Златно славејче и други, јас одев да го чувам Игор во нивниот дом во Скопје. Ги хранев неговите мачки што ги имаше и по десетина и беше љубител на домашните животни. Таму во Охрид си ја запозна неговата Анче, но кога пред 25 години таа почина, тој не можеше да ја преболи. А токму Анче била иницијатор заедно со татко ѝ Петре Прличко да дојдат во Штип, и после толку години за првпат бате Ацо да се види со мајка ни Цветанка“, вели Гиров.
Генот што го имал нивниот татко Методи и нивните прадедовци со музиката се всадиле и кај Ацо и Ѓорѓи. Но и на Гиров сопругата Васка, познат офтамалог во Штип, почина пред 25 години. Тој вели дека е среќен што му се остварила желбата, неговата внука да го носи нејзиното име Васка, ќерката името на мајката Цветанка, а синот Александар е крстен според брат му Александар Џамбазов.
Т. ЈОВАНОВСКИ