Хроничарите на Охрид бележат дека прва фотографка во Охрид во минатиот век била Танасија Волкоја. Со фотографскиот занает ја запознал татко ѝ Панде Дајо, во 1921 година. Таа ќе остана запаметена и како единствен фотограф кој имал право да ги фотографира за лични карти жените муслиманки во Охридско и во Струшко.
„Татко ми Панде Дајо беше саатчија и сликарство работаше. Праеше фотографии со стакло, со касети. Јас беф првата жена фотограф во Охрид. Сликав за лични карти и з’шчо како женско одеф по Туркините и ги сликав. Ко ги сликвев анките тие многу се затвораја, ме викнаа в’нтрешни и ми велеја: ‘Појќе отворај ги, за да имет појќе изглед’. И така им велев: ‘Ако сакаш да те сликам, отвори се појќе’. ‘Не мори, ќе ме карат оџата’, ми велеја. Не сакаја да се отскриет, а лични карти изваваја за да одет Цариград, вамо-тамо, а им давав и слики“, го пренесува разговорот со Танасија Волкоја хроничарот и новинар Илија Стојаноски.
Танасија Волкоја е родена во 1910 година, а фотографскиот занает почнала да го учи како единаесетгодишно девојче. Долго време работела во дуќан во старата охридска чаршија. Многумина кај неа сакале да се фотографираат. Забележано е дека им правела фотографии на плоча и на тогаш многу ретките странци кои доаѓале во Охрид.
Интересно било како првата фотографка стигнувала да одалечените струшки села, бидејќи тогаш превоз како што денес го знаеме немало. До селата стигнувала со гавролетка, количка на две тркала.
„И така, ме земаја за сликање по селава, вамо кон Делогожда кон Струшко, ме земаја со гавролетка, знајш шо е то, мала количка на две тркала, а и татко ми идаше со мене, з’то шо женско беф и не ме пушчаше сама да одам. То беше 1924/1925 година“, му раскажала Волкоја на хроничарот Илија Стојаноски.
Во повоените години, кога Волкоја не се занимавала веќе со фотографирање, имало чести полемики со Благоја Поп Стефанија, исто така познат охридски фотограф, кој до крајот на својот живот се занимаваше со фотографија. Се спореле околу тоа кој прв почнал да фотографира во градот, но тоа биле пријателски полемики, при што секој инсистирал на својата вистина.
Танасија Волкоја почина на 94 години. Нејзиниот занает, за жал, не го продолжи никој од нејзините наследници, а со време се изгуби трагата и на нејзината фото архива.
Д. ЧУБРИЌ