„АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ ПРОДАЖБИ ОД 268,3 МИЛИОНИ ЕВРА И ГО ЗГОЛЕМИ ИЗВОЗОТ ЗА 17% ВО 2023

    „АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ ПРОДАЖБИ ОД 268,3 МИЛИОНИ ЕВРА И ГО ЗГОЛЕМИ ИЗВОЗОТ ЗА 17% ВО 2023Во периодот јануари-декември 2023 во „Алкалоид“ се реализирани 232 нови вработувања (Фото: Алкалоид)

    „Алкалоид“ оствари консолидирани продажби од 268,3 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од 17% и инвестиции од 28,3 милиони евра во периодот јануари-декември 2023 година.

    Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2023 продажбите достигнуваат 12.261.902.275 денари, што е за 16% повеќе во споредба со 2022. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 16.512.977.886 денари, што е раст од 16%.

    Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 13%, а вкупниот консолидиран извоз за 17%. Од вкупните консолидирани продажби, 69% се на странските пазари. Најголем пораст кај поголемите извозни пазари бележат продажбите во Канада, за 62 пати, потоа во Италија, Јужна Африка, Чиле, Чешка и Велика Британија.

    Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10% во вкупните продажби. Сегментот фармација бележи раст од 18%, а козметика од 10%.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2023 изнесуваат 1.741.561.257 денари, што е раст од 18% во споредба со 2022. Ваквото зголемување се должи на најголемиот инвестициски проект на „Алкалоид“ во последните 20 години – новото одделение за производство на цврсти форми 2, со кој се зголемуваат капацитетите за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.572.485.548 денари, бележи зголемување од околу 8%, додека единечната нето добивка изнесува 1.520.546.813 денари и е зголемена исто така за 8%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 2.750.020.561 денари и бележи раст од 8%, додека консолидираната нето добивка во износ од 1.576.864.006 денари е зголемена исто така за 8%.

    Во периодот јануари-декември 2023 во „Алкалоид“ се реализирани 232 нови вработувања во Македонија. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.843 вработени, од кои 2.155 во земјава, а 688 во капитално поврзаните друштва во странство.

    Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни. Цената на една акција во периодот јануари-декември 2023 се движеше од 17.199,00 до 18.500,00 денари или просечно 17.781,93 денари.

    Бизнис-планот за 2024 предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст на консолидираните продажби од 10% и раст на консолидираниот профит пред оданочување од 7%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира