Американец кој претрпел срцев удар и бил прогласен за клинички мртов се разбудил кога лекарите во болница во Кентаки почнале да му вадат органи за трансплантација. Семејството на Ентони Томас Хувер изјави дека случајот е под истрага на државни и федерални служби.
Сестрата на Хувер, Дона Рорер, изјави дека тој бил превезен во болница во Ричмонд по предозирање со дрога. Лекарите потоа го известиле неговото семејство дека Хувер нема никакви рефлекси и мозочни активности, па решиле да го тргнат од апаратите за одржување во живот.
Вработените во болницата потоа ѝ рекле на Рорер дека Хувер дал согласност неговите органи да бидат донирани во случај на смрт.
„Ентони во еден момент ги отвори очите, но ни кажаа дека тоа се само рефлекси. Немавме зошто да не им веруваме на лекарите“, кажа Рорер за локалните медиуми.
Еден час откако бил однесен на операција за да му се извадат органи, Хувер се разбудил.
„Лекарите ја запреле процедурата зашто тој покажуваше премногу знаци на живот“, кажа Рорер.
Таа го вратила дома, иако била свесна дека можеби нема да живее уште долго. Сепак, Рорер и натаму се грижи за Хувер, кој има проблеми со одењето, сеќавањето и зборувањето.