АРХЕОЛОШКОТО БОГАТСТВО НА СТРУМИЦА НИКОЈ НЕ ГО ЗНАЕ ОТИ НЕМА ПАРИ ЗА ПРОМОЦИЈА

    АРХЕОЛОШКОТО БОГАТСТВО НА СТРУМИЦА НИКОЈ НЕ ГО ЗНАЕ ОТИ НЕМА ПАРИ ЗА ПРОМОЦИЈАСредновековната базилика „Св. 15 Тивериполски маченици“ посветена на почетоците на христијанстово во овој регион е едно од археолошките богатства што нема соодветна промоција за културен туризам (Фото: СДК.МК)

    Римската терма кај Бања Банско, која потекнува од 3. век и сведочи за доцноримското термално лекување,  средновековната базилика „Св. 15 Тивериполски маченици“ посветена на почетоците на христијанстово во овој регион,  Цареви кули каде се пронајдени контуинирани остатоци за живот и од пред нашата ера, се само дел од археолошките локалитети  кои се дел од богатата културна историја на Струмица. Но овие  места  не се доволно искористени за промоција и развој на културниот туризам во Струмица. Иако се прават напори културното наследство да биде дел од туристичката програма, овие локалитети се посетуваат стихијно  и многу ретко се стручно презентирани пред пошироката јавност.

    Римската терма кај Бања Банско, која потекнува од 3. век и сведочи за доцноримското термално лекување (Фото: СДК.МК)

    „Струмица изобилува со археолошки локалитети и тие се предмет на долгогодишни истражувања. Во сегментот на презентација и промоција заостануваме. За жал, нашата институција колку и да сака, без поддршка од државата и локалните власти и приватниот бизнис сектор не можеме да ги направиме атрактивни за посетителите. Значи, потребни се вложувања во делот на доуредување за да може да ги презентираме на пошироката јавност. Станува збор за мали зафати за да адекватно се презентираат и да бидат во функција на локалниот економски развој“, вели археологот Зоран Рујак кој смета дека  само во градот има неколку интересни локалитети кои се во непосредна близина и можат да бидат понудени на јавноста.

    На Цареви кули се пронајдени контуинирани остатоци за живот и од пред нашата ера (Фото: СДК.МК)

    Тој ги посочи локалитетот „Св. 15 Тивериполски маченици“, Орта Џамија, Цареви кули , но и црквата од 12. век кај Ловен дом. Според Рујак, тие се локалитети од кои пошироката јавност ке биде изненадена и фасцинирана како од остатоците, градбата на објектите многуте фрески, предмети.

    „Овие локалитети нудат богата историја не само за нашето минато туку и за духовното творештво. Потребни се стручни лица, туристички водичи, но и можност за посетителите да купат нешто за да се сеќаваат дека биле на овие локалитети“, вели Рујак.

    Од Заводот и музеј од Струмица, што работи на истражување на археолошките локалитети во Југоистокот, тврдат дека не се во можност паралелно да работат и на промоција на културното наследство. Причина се ограничените пари и човечки ресурси. Директорката Василка Георгиева смета дека при креирање на културната политика треба да се размислува и за промоција и презентација на археолошките локалитети кои можат да бидат во функција на локалниот економски развој. Според неа, клучен проблем е што археолошките локалитети не се самоодржливи  и ќе мора да се размислува да се стави акцент на два до три локалитети кои целосно ке бидат истражени и конзервирани.

    Туристите слушнале и доаѓаат само во манастирите во Вељуса и Водоча (Фото: СДК.МК)

    „Мора да дадеме акцент на два до три локалитети кои целосно ке бидат завршени во делот на истражувањата и конзервацијата. Потоа, во истите да се инвестира и да се направи пристап, да има уредени и оградени патеки за посетителите со информативни табли, да се осветлени, по можност да има одредена сувенирница до нив. Значи, треба да се инвестира во нив за да бидат вредни и атрактивни за посетителите за да можеме да наплаќаме и да бидат самоодржливи. За жал, немаме услови да наплаќаме билети, а праќаме стручни лица одвреме-навреме кога има посетители, но не наплаќаме“, вели Георгиева.

    Туристичките агенции во Струмица тврдат дека се потребни  дополнителни инвестиции за уредување на археолошките локалитети за да бидат поатрактивни за посетителите, слично како и манастирите во Вељуса и Водоча за кои веќе слушнале туристите и доаѓаат. Маријана Коцева од „Лагуна Травел“ вели дека има интерес пред сè кај странските гости, но се хендикепирани бидејќи посетителите кога ќе ги посетат археолошките локалитети сакаат презентација, приказни но и да купат одредени експонати или копии од она што е пронајдено на истите места. За жал, на повеќето археолошки локалитети во Струмичко тоа го нема.

    Општина Струмица изминативе години контуинирано врши промоција на културното наследство од овој регион. Во спроведувањето на повеќе проекти, изработија брошури, проспекти и веб платформи  во кои се презентирани сите позначајни културно историски споменици,  но и археолошки локалитети вредни за посета.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира