АРХЕОЛОЗИ ОД ШВАЈЦАРИЈА И МАКЕДОНИЈА КОРИСТЕА НОВИ МЕТОДИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАКОЛНАТА НАСЕЛБА ВО ОХРИД

    АРХЕОЛОЗИ ОД ШВАЈЦАРИЈА И МАКЕДОНИЈА КОРИСТЕА НОВИ МЕТОДИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАКОЛНАТА НАСЕЛБА ВО ОХРИДПилот-проектот помеѓу Универзитетот во Берн, Центарот за праисториски истражувања во Скопје и Музејот во Охрид, резултираше со нови наоди за овој уникатен археолошки локалитет, велат од амбасадата на Швајцарија во Македонија (Фото: Управа за заштита на културно наследство)

    Археолози од Швајцарија и од Македонија летово за првпат користеа нови методи за истражување на праисториската наколна населба на локалитетот Плоча-Миќов Град во Заливот на коските во близина на Градиште во Охрид.

    Пилот проектот меѓу Универзитетот во Берн, Центарот за праисториски истражувања во Скопје и Музејот во Охрид, резултираше со нови наоди за овој уникатен археолошки локалитет, велат од амбасадата на Швајцарија во Македонија.

    Швајцарските и македонските археолози применија дендрохронологија за да ја одредат точната старост на дрвените столбови во локалитетот и да добијат повеќе сознанија за архитектонските карактеристики и материјалната култура на населението.

    „Покрај дендрохронологијата, швајцарските археолози исто така користеа фотограметрија (визуелизација на локалитетот во 3Д формат) и Џи-Ај-Си моделирање (прецизна дигитална локација на секое место на локалитетот). Од тие процеси се се добија наоди за местото кои досега не беа познати“, велат од амбасадата.

    Професорот Алберт Хафнер од Институтот за археолошки науки на Универзитетот во Берн ѝ ги пренесе впечатоците на швајцарската амбасадорка во Македонија, Сибил Сутер Техада за време на нејзината посета на Заливот на коските, при што изрази изненадување за некои наоди.

    „Иако во својата почетна фаза, овој проект веќе дава извонредни резултати во врска со наодите за големината на дрвата кои биле користени, нивниот квалитет и необична големина“, рече професорот Хафнер.

    Покрај овие теренски активности, швајцарските археолози основаа и дендрохролошка лабораторија во Музејот на Македонија во Скопје, каде македонски експерти поминаа обука за да го применуваат овој метод на други предмети како што се археолошки артефакти и дрвени структури, средновековни икони, како и инструменти и предмети од домаќинството од изминатите два века.

    „Последната истражувачка сезона на наколната населба во Охридското езеро помина многу добро и обезбеди извонредни нови наоди за локалитетот, првенствено како резултат на посветената работа и меѓусебното почитување на македонските и швајцарските археолози”, вели Гоце Наумов од Центарот за праисториски истражувања во Скопје.

    Од Амбасадата велат дека во наредните години се очекува соработката меѓу швајцарските и македонските археолози ќе продолжи со дополнителни проекти.

    „Соработката за праисторискката населба во Охридското Езеро може дури да доведе до евентуален предлог за вклучување на локалитетот на листата на заштитено светско наследство на УНЕСКО.
    Повеќе од 1.000 археолошки населби во алпскиот регион веќе се вклучени во листата на УНЕСКО. Од нив, 56 се наоѓаат во Швајцарија, а другите се во Германија, Австрија, Франција, Италија и Словенија“, велат од швајцарската амбасада.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира