АРХИТЕКТИТЕ ПОРАНО НЕ БЕА ТРЕТИРАНИ КАКО СЕРВИС, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ МИОДРАГ РАДОЊИЌ-БАТО, ЛАУРЕАТ НА „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“

    АРХИТЕКТИТЕ ПОРАНО НЕ БЕА ТРЕТИРАНИ КАКО СЕРВИС, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ МИОДРАГ РАДОЊИЌ-БАТО, ЛАУРЕАТ НА „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“Архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато во богатата кариера има преку 150 архитектонски проекти, од кои 75 се реализирани, 27 урбанистички проекти и детални планови, и 27 анонимни урбанистичко-архитектонски конкурси;- Од свеченото доделување на наградата за животно дело (Фото: К. Попов )

    Архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато на крајот на минатата година ја доби наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството за 2018, што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Во богатата кариера има преку 150 архитектонски проекти, од кои 75 се реализирани, 27 урбанистички проекти и детални планови, и 27 анонимни урбанистичко-архитектонски конкурси.

    Радоњиќ е роден на 15 февруари 1949 година во Краљевица-Ријека, Хрватска. Од 1950 живее во Скопје, каде дипломирал на Архитектонскиот факултет во 1976. Од 1973 ја оформува неформална студентска група „АЈВАР“ која прераснува во Конкурсна „Група АЈВАР“ со архитектите Ранчо Христов, Мартин Гулевски и Стеван Смилевски. Со групата повремено работат и Крсте Џидров, Влатко Коробар и Слободан Живковски.

    Мора како единствено правилно да се тргне од тоа дека науката и струката, знаењето и креацијата се двигатели на сеопштиот развој, а политиката и власта се тука тоа да го испочитуваат и да го реализираат, а не е обратно, вели архитектот Радоњиќ (Фото: К. Попов)

    Неговите професионални почетоци во 1977, се во тогашниот Републички завод за урбанизам ЗУМ Скопје ,каде урбанистичкото планирање и архитектонското проектирање имале подеднаков третман.

    „Така, јас како млад архитект со ентузијазам се зафатив за двете проблематики кои се различни, но неразделни. Оттука произлегоа повеќе урбанистичко-архитектонски проекти, за центри на Месни заедници и локални центри актуелни на почетокот на 1980-те, кои на некој начин станаа моја специјалност. Тоа беа повеќенаменски комплекси со домување, трговија, занаетчиство, угостителство, администрација и останати дневно потребни содржини на локалното население. Убавината на работата на вакви урбанистичко-архитектонски проекти е во целосната авторска креација во процесот, од урбанистичка разработка, преку идејни и главни проекти па сé до реализација“, вели Радоњиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Како прв од тој вид е Центарот на Месна заедница во Врање проектиран 1978 и изграден веднаш после тоа како негов прв реализиран објект. Меѓу своите поатрактивни реализирани трудови Радоњиќ го вбројува Локалниот центар „Автокоманда“, станбено деловен комплекс со 100 станови , деловен простор за комерцијални и услужни дејности со преку 15.000 квадратни метри, изведен во 1986.

    Тимот на „Ателје Ајвар“: Миодраг Радоњиќ-Бато, Ана Радоњиќ, Ранчо Христов и Дамјан Христов на свеченото доделување на наградата „Андреја Дамјанов“ (Фото: Приватна архива)

    Локалниот центар „Првомајска“ во Кисела Вода, негов најголем проектиран комплекс од тој вид, бил награден како најдобар проект на БИМАС за 1989. Иако бил изготвен со проекти за сите фази и спремен за изведба, за жал, вели тој, поради изменетите општествени околности не се реализира.

    Понатаму, со „Ателје Ајвар“ настанале нови проекти и реализаци, за кои тој вели дека го одбележле тој период и тоа проектот за реконструкција на Музејот на Град Скопје, со кој комплексот на Стара Железничка станица станал еден од најатрактивните простори за дружење и забава во центарот на Скопје.

    „Тука е и авангардното кафуле ‚Лудвиг’ кое долго време беше култен простор и како таков инспирираше низа нови современи и атрактивни ентериери, летниот клуб ‘Колосеум’ реализиран како исклучително атрактивен простор на отворено со сите потребни содржини за забава, рекреација, одмор и уживање во срцето на Градскиот парк, кој со години потоа важеше за најголема и најатрактивна летна дискотека во Македонија.

    Во галеријата на МАНУ се изложени архитектонски проекти на лауретатот Радоњиќ (Фото: К. Попов)

    Ќе ја спомнам и канцеларијата на Британскиот совет во Македонија, на чие свечено отворање претставникот на Британскиот совет за Источна Европа и Азија на тимот на ‘Ателје Ајвар’ и Компанијата ‘Х.Р.Р.М’ им оддаде посебно признание со зборовите: ‘Секаде објектите на Британтскиот совет се проектирани и изведени на високо ниво, но вие од овој простор направивте магија’. Потоа, ‘Куќа на УНЕСКО – Мала Станица’, како и многу други, кои на свој начин извршија влијание на развојот и квалитетот на урбаното живеење во градот“, вели Радоњиќ за дел од своите трудови.

    На почетокот на 1991 е основано „Ателје Ајвар“ како прво приватно проектантско биро во државата, и како што вели Радоњиќ, во многу поразлични околности од денешните, како по условите така и по можностите за работа. За периодот на почетоците на приватизацијата, Радоњиќ вели дека еуфорично се основаа приватни фирми со најразлични дејности, но со исти цели, да остварат заработка и да инвестираат во постојните или во нови објекти.

    Трифун Костовски со Миодраг Радоњиќ и Ранчо Христов на доделувањето на наградата во МАНУ (Фото: К. Попов)

    „Струката, а и архитектите беа повеќе барани и ценети, се бараше повеќе креација и иновација. Знаењето и мислењето на архитектите повеќе се почитуваа, за разлика од денес кога ‘големите’ инвеститори, архитектите главно ги сметаат за сервис кој ги реализира нивните ‘креации’. Во таков однос – ‘што помалку те ценам, помалку те плаќам’ – загрозен е опстанокот на голем број проектантски бироа, при што архитектите, а и останатите учесници се принудени да работат по багателни цени за да ја остварат елементарната егзистенција. Ова е директно врзано за Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, која после големи заложби е основана пред повеќе од 10 години, но за жал, сѐ уште не ја остварила својата основна цел заради која е и формирана. А тоа е пред сѐ, да формира и озакони минимални цени на услугите на учесниците во процесот на проектирање и реализација во градежништвото и со тоа да го подигне нивото и да го заштити еснафот“, вели Радоњиќ.

    Миодраг Радоњиќ со колегите и пријатели архитекти Даница Павловска-Циги и Михаил Токарев (Фото: К. Попов)

    Во таа смисла, тој им порачува на колегите, особено на младите архитекти да извршат сериозен притисок на Комората за итно решавање на овој најактуелен и најважен проблем. На тој начин, смета тој, ќе го подигнат нивото и значењето на струката, а самите ќе станат поценети и како такви повлијателни во процесот на планирањето и уредувањето на Скопје. Радоњиќ верува дека со нивната информираност, комуникација на глобално ниво и со нивниот младешки ентузијазам ќе ги донесат и ќе ги имплементират светските достигнувања и трендови кај нас.

    Во однос на урбанистичкото планирање, смета дека под итно треба да се преземат радикални системски промени со кои ќе се овозможи урбанизмот, како научна планерска и општествена дејност, првенствено да биде во интерес на граѓаните како корисници на просторот.

    Вера Ќосевска, претседателка на Академија на архитекти при Асоцијацијата на архитекти со минатогодишната добитничка на наградата „Андреја Дамјанов“ Билјана Филиповска (Фото: К. Попов)

    „Притоа, мора да се сменат погрешно поставените улоги и односи помеѓу актерите и тоа науката и струката од една страна и политиката и извршната власт од друга. Мора како единствено правилно, да се тргне од тоа дека науката и струката, знаењето и креацијата се двигатели на сеопштиот развој, а политиката и власта се тука тоа да го испочитуваат и да го реализираат, а не е обратно! Мораториумот на ДУП-овите во Општина Центар е направен поради многубројни неправилности, како и во повеќе други општини, а кои се предизвикани од непочитување на струката, од влијанието на локалните моќници, како и од прекумерните овластувања на градоначалниците кои се поставени во улога на главни креатори на просторот. Мораториумот е политичка мерка и како таков не може да ги реши неправилностите, но може да даде можност стручњаците со сериозна анализа да ги детектираат и да ги отклонат или ублажат. Тоа би требало да се случува брзо и ефикасно, што значи нотирање на неправилностите, ставање мораториум само на проблематичните делови и ослободување на поголем дел од ДУП-овите за нивна реализација. Долготрајниот мораториум може да биде штетен и контрапродуктивен за граѓаните, инвеститорите, како и за самата општина“, вели Радоњиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира