АТИЏЕ БЕШЕ НАЈСРЕЌНА ДЕКА ЈА СНИМАМЕ КАКО СЕ КАЧУВА ПО ПЛАНИНИТЕ, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА ПОБЕДНИКОТ НА САНДЕНС „МЕДЕНА ЗЕМЈА“

    АТИЏЕ БЕШЕ НАЈСРЕЌНА ДЕКА ЈА СНИМАМЕ КАКО СЕ КАЧУВА ПО ПЛАНИНИТЕ, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА ПОБЕДНИКОТ НА САНДЕНС „МЕДЕНА ЗЕМЈА“„Атиџе уште на почетокот нѐ прифати одлично, беше весела, отсекогаш сакала да ја снимаат како се качува по ридовите во Централна Македонија, така што е 'Медена земја' е исполнување на нејзиниот сон“, велат режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска (Фото: К. Попов)

    „Тргнавме да снимаме краток документарен филм за зачувување на животната средина во селото Бекирлија, по течението на реката Брегалница, а снимивме животна приказна која освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс“, вели режисерката на документарниот филм „Медена земја“ Тамара Котевска.

    Филмот на Љубомир Стефанов и Котевска на 3 февруари освои три награди на Санденс, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

    „Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

    Авторите велат дека филмот е сниман во распон од три години. Атиџе уште на почетокот ги прифатила одлично, била весела, бидејќи како што им кажала, отсекогаш сакала да ја снимаат како се качува по ридовите во Централна Македонија, така што е „Медена земја“ е исполнување на нејзиниот сон.

    Екипата на филмот со претставници на Швајцарската агенција за развој и соработка и македонската Агенција за филм на денешната прес-конференција (Фото: К. Попов)

    Котевска вели дека на почетокот додека разговарале со Атиџе и го формирале концептот за документарецот, им било чудно како Атиџе зема од медот половина за неа, половина за пчелите.
    „Првично мислевме дека станува збор за некој ритуал. Кога сфативме за што се работи, дека тоа е правило, земи половина од медот, но остави ја другата половина за пчелите, го направивме филмот со порака “, вели Котевска, а Стефанов додава: „Ова не е филм за пчели. Туку  има порака за зачувување на животната средина и природната рамнотежа“.

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПОБЕДИ НА САНДЕНС, ПРОДУЦЕНТОТ ГЕОРГИЕВ ЈА ПОВИКА ВЛАДАТА ДА ГО ИСЧИСТИ ВОЗДУХОТ

    Снимањето течеше така што на пример ќе снимавме во континуитет шест месеци, па потоа штом ќе се вратевме во Скопје, и Атиџе во ноември ќе ни се јавеше да ни каже дека во мај следната година ќе ја повикува матицата. Па така, се враќавме по неколку месеци и доснимувавме“, рече Кути.

    После подолг период на снимање, во филмот, покрај Атиџе и нејзината мајка, се вклучува уште една фамилија со тогаш седум, денес осум деца.
    Котевска кажа дека речиси шест месеци децата ги избегнувале, не сакале никаков контакт со нив, а потоа постепено се спријателиле и станале една голема фамилија.

    Продуцентот Георгиев рече дека мајката на Атиџе починала додека се снимал филмот, и оти е неверојатна животна коинциденција што по неколку години, на истиот ден се роди осмото дете на фамилијата и филмот премиерно се прикажа на Санденс.

    „Работиме на тоа на Атиџе да ѝ обезбедиме пристоен дом, но тоа оди споро бидејќи во тоа место нема ниту струја ни вода. Разговаравме и со социјален работник да обезбедиме школување за децата“, вели Георгиев.
    Продукцијата на „Медена земја“ ја спроведува кампањата „Донирајте за децата на Медена земја“, која има за цел да се собираат средства за школување на децата кои се појавуваат во документарниот филм. За таа цел, на официјалната веб-страница на филмот honeyland.earth е поставен линк за донација за децата.

    „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска победи во категоријата најдобар светски документарец и освои уште 2 награди на фестивалот Санденс основан од Роберт Редфорд (Фото: принтскрин од видео на Санденс)

    За проекциите и реакциите на Санденс, авторите велат дека им е драго што имало бројна фестивалска публика, која прашувала каде е местото каде е снимен филмот, дали е блиску до цивилизација, и дека речиси сите сакале да пробаат од медот кој ги служеле по проекциите.

    Продуцентите потпишале договор за дистрибуција во Северна Америка со „Неон“, во преговори се за европска дистрибуција. За на 12 и 13 март најавуваат затворена проекција за медиумите, а пошироката публика ќе го види на Фестивалот на креативен документарен филм Македокс, кој се одржува на крајот на летото.

    Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира