БАКТЕРИИТЕ МОЖЕ ДА ГО СПРЕЧАТ ДЕТСКИОТ РАК, ВЕЛИ БРИТАНСКИ ИСТРАЖУВАЧ

    БАКТЕРИИТЕ МОЖЕ ДА ГО СПРЕЧАТ ДЕТСКИОТ РАК, ВЕЛИ БРИТАНСКИ ИСТРАЖУВАЧАкутната лимфобластна леукемија погодува едно на 2.000 деца, пред тие да наполнат 16 години. Истражувачите сметаат дека таа може да се спречи ако детето во првата година од животот се изложи на бактерии, кои го тренираат имуниот систем

    Британски истражувач верува дека науката сега може да идентификува што може да ја предизвика појавата на најчестото малигно заболување кај децата. Акутната лимфобластна леукемија погодува едно на 2.000 деца, пред тие да наполнат 16 години. Професорот Мел Грејвс од Институтот за истражување на рак, смета дека сѐ почнува со мутација уште во матката на мајката, како и на тоа што имуниот систем на бебето не е доволно изложен на микроби во најраниот период од животот.

    „Изложувањето на доенчињата на микроби може да ја спречи оваа болест“, вели тој.

    Овој тип на рак на крвта е почест во напредните, богати општества, што укажува на тоа дека една од причините за појава на болеста е модерниот начин на живот. Има недокажани тврдења кои болеста ја поврзуваат со електромагнетни бранови и хемикалии. Но тие беа отфрлени во трудот објавен во магазинот „Нејчр ривју канцер“.

    Професор Грејвс смета дека, напротив, има три фази на болеста. Првата фаза според него, која и навидум е незапирлива, е генетска мутација која се случува додека плодот е во матката. Втората фаза е неуспехот да се тренира имуниот систем во првата година од животот. Контактот со микробите е клучен за имуниот систем да научи како да реагира, но модерното општество е почисто од кога било. Без оваа лекција, инфекциите кои подоцна во детството ќе ги има детето, како што се настинка, може да предизвикаат дефект во имуниот систем и понатамошни генетски абнормалности и појава на рак.

    Оваа унифицирана теорија за леукемијата не е резултат само на една студија. Професор Грејвс причината за леукемијата ја истражуа над 30 години.

    „Истражувањето силно сугерира дека акутната лимфобластна леукемија има чист биолошки причинител и дека причина за нејзина појава се различни инфекции кај предиспонираните деца, чиј имун систем не се развил правилно“, вели тој.

    Според него, најважен заклучок од истражувањето е дека во повеќето случаи детската леукемија може да се спречи. Тоа може да вклучува давање безбеден коктел од бактерии на децата, како што е пијалок од јогурт, кој ќе помогне да се истренира имуниот систем. Но оваа теорија и натаму ќе се истражува.

    Професор Грејвс вели дека родителите не треба никако да се обвинуваат самите ако нивното дете развие леукемија, но дека може да бидат помалку претпазливи во поглед на вообичаените и тривијални инфекции и поради тоа да спречуваат контакт со другите деца.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира