БАЊАТА КЕЖОВИЦА МЕ ОДРЖУВА ВО ЖИВОТ 33 ГОДИНИ ПО ПАДОТ ОД СЕДМИ КАТ, ВЕЛИ ШТИПЈАНЕЦОТ КИРИЛ ДИМКОВ

    БАЊАТА КЕЖОВИЦА МЕ ОДРЖУВА ВО ЖИВОТ 33 ГОДИНИ ПО ПАДОТ ОД СЕДМИ КАТ, ВЕЛИ ШТИПЈАНЕЦОТ КИРИЛ ДИМКОВДимков шест месеци бил во кома откако паднал од скеле во Германија, но со постојаната рехабилитација дури успеал да стане од инвалидска количка. (Фото: СДК.МК)

    Кирил Димков од штипското село Врсково во 1986 доживеал тешка несреќа во Минхен, каде што бил на привремена работа. Заедно со уште тројца колеги градежници паднале сосе скелето од седми кат. Тие починале на самото место, а Кирил завршил со скршени череп, раце, нозе и карлична коска.

    „Не знам како сум останал жив, но му благодарам на господ што ме спасил. Жал ми е за колегите. На тој морничав настан од пред 33 години уште добро се сеќавам. Точно шест месеци сум бил во кома. За тоа време биле извршени повеќе хируршки зафати. Наредните четири години во Минхен бев во количка“, вели сега 77-годишниот Димков, кој решил по пет години престој и лекување во Германија, рехабилитацијата да ја продолжи во Штип и во бањата Кежовица.

    „Добив интензивна терапија, што ја препорачаа тогашните доктори Даница Фичорска и Ристо Чанев. Благодарение на нивните совети и на грижата на целокупниот персонал, но и на мојата упорност, за кратко време станав од количката и почнав да одам со помагала. Пред неколку години патериците ги заменив со бастунче“, вели Димков.

    Тој смета дека постојаната рехабилитација не само што го одржува во живот, туку и го подмладува. Нагласува дека термоминералната, лековита вода има придонес за тоа. Затоа уште пред две години, кога му починала сопругата, решил да се смести во соба во бањата Кежовица.

    „Физикалната терапија од пред некој ден е во надлежност на Клиничката болница во Штип. Верувам дека целиот објект ќе се реновира и ќе биде попристапен за пациентите, исто како што се обнови и бањата Кежовица“, вели Кирче, како што персоналот го вика својот долгогодишен пациент и потстанар.

    Тој вели дека некако успева да ги покрие трошоците затоа што има германска инвалидска пензија. Додава дека не е многу висока, но доволно за да ги покрие терапиите, престојот и останатите трошоци за живот. Очекува од раководителите на бањата и од Општината да добие некакви бенефиции или попусти.

    Раководителот на бањата Кежовица Мите Тушев, објаснува дека и досега на Кирил му се прават извесни попусти, но ќе бидат разгледани сите негови барања.

    „Вработените во ова јавно претпријатие и персоналот од Физикална со години целосно се посветени на него. Го чувствуваме ем како наш колега, ем како постојан жител и најсигурен пациент“, рече Тушев.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира